Здружението на новинарите на Македонија е шокирано од одлуката на Основниот суд Скопје 1 со која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на четири и пол години затвор за објавување на текст со кој наводно бил откриен идентитетот на заштитен сведок.
ЗНМ смета дека оваа одлука не го осуди само новинарот Кежаровски, туку е вперена против слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Со тоа Македонија стана единствена земја во Југоситочна Европа со осдуен новинар со казна затвор заради напишан текст за злоупотреба на институтот заштитен сведок.
-Судот место да го заштити јавниот интерес, застана на страната на злоупотребата, која после ова пресуда доби и судска заштита. Пораката е многу застрашувачка, секој новинар што во иднина ќе открие злоупотреба на институциите, ќе заврши во затвор. Ваквото заплашување нема да успее затоа што секој добар новинар во Македонија би го направил тоа што го направи Кежаровски. Сите ние сме Кежаровски.
Убедени сме дека одлуката е во спротивност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кое македонското судство е обврзано да го почитува затоа што Македонија е потписничка на Европската конвенција. Евидентно е дека судот не направи обид да го примени тестот на пропорционалност. Кога се одлучува за предмети поврзани со слободата на изразувањето треба да се направи баланс и освен правната регулатива да го земе во предвид и правото на јавноста да знае за злоупотребите на институциите, што претставува највисок јавен интерес . Ваквата одлука на судот не може да се смета за неопходна во демократско општество затоа што не може да има поголем интерес од правото на јавноста да знае за злоупотребите на власта. – стои во реакцијата на ЗНМ.
ЗНМ најави дека ќе ја обжали пресудата изразувајќи надеж дека Апелацискиот суд ќе има поголемо разбирање за слободата на изразувањето и заштитата на јавниот интерес.
МАН: Пресудата за Кежаровски е неочекувано строга
Пресудата за новинарот Томислав Кежаровски е неочекувано строга, особено во споредба со другите изречени казани, реагира Македонската асоцијација на новинари за затворската казна од 4 години шест месеци затвор што му беше изрече во понеделникот на новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски.
„Оттука произлегува дека сторителите на делото и изворот на информациите за заштитениот сведок се безмалку невини во однос на новинарот кој го објавил идентитетот“ се вели во реакцијата.
Иницијативниот одбор за Кежаровски: Судиите им подлегнале на центрите на моќ
Пресудата на Основниот суд 1 во Скопје кој денеска го осуди новинарот Томислав Кежаровски на четири години и шест месеци затвор е скандалозна, со ништо непоткрепена и без преседан во европското правосудство, поради што претставува само уште една шајка во ковчегот на веќе погребаната слобода на изразување во Македонија, реагира Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, пренесува „Макфакс“.
„Судиите очигледно му подлегнале на сериозниот притисок и влијание од центрите на моќ, па не ги зеле предвид фактите туку само го препишале обвинителниот акт во пресудата дека Кежаровски сторил кривично дело „оддавање идентитет на загрозен сведок“.
За ова сведочи и казната од четири години и шест месеци затвор за новинарот, што за вакво кривично дело е драстична санкција незабележана во европското правосудство. Дури во случаи пред Хашкиот трибунал за поранешна Југославија, новинари кои оддаваа идентитет односно објавуваа цела листа заштитени сведоци во судења за геноцид и масовни убиства беа осудени на три или шест месечни затворски казни“, се вели во реакцијата на Одборот.
Според нив, судот не зел во предвид дека новинарот имал јасен и недвосмислен јавен интерес да ја информира јавноста оти полицијата мести лажен заштитен сведок против обвинетите во случајот на убиството во село Ореше, особено што загрозениот сведок Златко Арсовски самиот се разоткри и призна оти бил уценет од полицијата да биде заштитен сведок.
Судот ги игнорирал и фактите дека објавувајќи го записникот на сослушување, Кежаровски го објавил само името, а не и презимето на загрозениот сведок.
„Ваквата неразумна пресуда и драконска казна претставува конечна пресметка со слободата на медиумите, слободата на јавното изразување и директна порака до македонските новинари кои ќе се дрзнат да истражуваат и пишуваат за злоупотребите на власта и моќта – дека ги чекаат сигурни решетки. Се надеваме дека оваа срамна пресуда ќе ја разбуди свеста на демократската и слободарска јавност во Македонија од која очекуваме поддршка со заеднички акции да ја вразумиме судската и политичката власт во Македонија“ се вели во реакцијата.
Мијатовиќ: Згрозена сум од пресудата за Кежаровски
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите изрази длабока загриженост за пресудата за новинарот на весникот Нова Македонија, Томислав Кежаровски кој денеска беше осуден на 4 години шест месеци затвор.
„Јас сум згрозена од денешната пресуда. Оваа претерано строга осуда е загрижувачки развој и праќа јасна порака за цензура до другите новинари во земјата“, се вели во писмената изјава на Мијатовиќ.
Во соопштението се потсетува дека Кежаровски е единствениот новинар во притвор во цела југоисточна Европа.
Според неа, оваа пресуда има сериозни последици за слободното изразување и медиумските слободи во Македонија.
„Кривичниот прогон на репортери за нивните новинарски активности го прекршува основното човеково право за слободно изразување и обврските на земјата кон ОБСЕ за развој и заштита на слободни медиуми“, вели Мијатовиќ.
Таа ги повика властите во Македонија да го ослободат Кежаровски и уште еднаш побара да го посети новинарот во притвор, пренеува „Макфакс“.
СДСМ: Изрекувањето на четири и пол годишна затворска казна за Кежаровски е скандалозна
Во услови кога целата јавност, меѓународните организации и експертската јавност очекуваа ослободување на новинарот Томислав Кежаровски и се укажуваше на злоупотреба на мерката притвор, која петпати му беше продолжувана, изрекувањето на четири и пол годишна затворска казна за Кежаровски е скандалозна, изјави на прес конференција пратеникот на СДСМ Весна Бендевска.
„Ова е уште една потврда зошто оценките за Македонија од најрелевантните меѓународни организации говорат за применување на „селективна правда“, за влошување на слободата на медиумите и човековите права.
Загрижувачка е леснотијата со која се изрекуваат вакви пресуди кои ги рушат основните човекови права и слободи, кои креираат нови човечки трагедии а на семејството на Кежаровски му нанесуваат дополнителна животна драма.
Оваа пресуда има сериозна последица врз слободата на изразување и испраќа јасна порака за цензура насочена кон останатите новинари и медиумски работници.
Дополнително, се продлабочуваат сомнежите дали можеби на Томислав Кежаровски му е изречена казна за некое друго дело, кое не е поврзано со процесот „Ликвидација“?“ – запраша Бендевска.
ЛП: Пресудата против Кежаровски е скандалозна и без преседан
Пресудата против новинарот Томислав Кежаровски е скандалозна и без преседан, коментираат од Либералната партија(ЛП).
„За истоветно обвинение од Хашкиот трибунал новинари кои беа прогласени за виновни, беа казнети парично и условно, но никако со затворска казна. Оттука, Либерална партија на оваа пресуда гледа како на нова форма на притисок врз новинарите, започнат со донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, надвор од секоја добра судска пракса на европско тло“, се вели во партиското соопштение.
Од ЛП повторно побараа од министерот за правда да отпочне постапка за аболиција на новинарот Томислав Кежаровски, јавува „Макфакс“.
OhridNews