Силниот јужен ветер синоќа го разбранува Охридското Езеро, кое на површина повторно исфрли големи количини најразличен отпад.
Денеска работниците на Ј.П. “Охридски Комуналец” од 6 часот утринава подигнаа 25м3 отпад кој воглавно се состои од комунален отпад. Она што може да се забележи според етикетите и амбалажата е дека најверојатно комуналниот отпад доаѓа од соседната Р.Албанија, информираат од „Комуналец“.
Оттаму апелираат до надлежните институции, наместо декларативни заложби, да преземат конкретни мерки за заштита на Охридското Езеро, бидејќи очигледно од година на година се зголемува загадувањето со комунален отпад.
-Трошоците за чистење на езерото се големи и паѓаат на товар на Ј.П. “Охридски Комуналец”, посочуваат од јавното претпријатие.