Владата да биде внимателна да не ги регулира прекумерно медиумите, да не создава впечаток дека презема чекори какви што видовме во Унгарија, да командува со медиумите, вели Силвана Колачковска, директорка на проектот Нации во транзиција на организацијата Фридом хаус, јавува Гласот на Америка на македонски јазик, пренесува „Макфакс“.

Според неа, подобро е да има помало регулирање на медиумите од страна на владата.

„Медиумската средина во Македонија воопшто загрижува. Дури и со декриминализацијата на клеветата – имаше паралелна промена со која сега се пропишани мошне високи казни во граѓански парници за клеветење – сето ова сугерира дека новинарите треба да внимаваат. Ваква порака новинарите примаат веќе неколку години“, смета Колачковска.

Запрашана какви препораки, врз основа на случајот Кежаровски, има Фридом хаус за Македонија, таа вели дека подобри би биле паричните, отколку затворските казни.

Таа има забелешки и за слабата саморегулација на медиумите во Македонија.

„Би ги повикала македонските медиуми да го земат ова при срце, дека нивните обиди за саморегулација не се ефикасни поради тоа што се поделени, не работат заедно, поради тоа што има натпревар на различни политички и деловни интереси кои ги поддржуваат медиумите. Ако го остават овој вакуум, тоа е навистина еден вакуум на нивната моќ, што создава можност за владини интервенции, што, пак, во крајна линија е деструктивно“, вели Колачковска во име на Фридом хаус, јавува Гласот на Америка на македонски јазик.

OhridNews
Извор: „Макфакс“