Успешна реализација на манифестации, театарски претстави, кино проекции, гостувања, надворешни проекти, бројна публика, барање билет плус ќе ја одбележат 2022 година во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид.

Директорот на установата, Горан Симоноски вели изминува успешна година во која имале широка понуда за публиката што влијаело и за зголемен интерес, напоменувајќи ја реализацијата на сопствените манифестациика како што се Прличеви Беседи, Балкански Фестивал, Староградски средби, но и одобрените проекти на Народниот театар Охрид од Министерството за култура на Република Македонија.

Станува збор за претставите „Енергични луѓе“ во режија на Александар Иваноски и „Секс лага и љубомора“ во режија  наКоле Ангеловски. Овие претстави предизвикаа голем интерес кај пошироката публика за кои се бараше билет повеќе. Нормално на редовен репертоар ни беа и претставите подготвени од претходните години. Користам прилика да се заблагодарам на сите вработени во установата, за успешно реализираните проекти. Како надворешни проекти, имавме повеќе гостувања на други театарски куќи од Македонија, повеќе stand up настани и други надворешни културни настани како изложби и друго. Реализиравме повеќе кино прикажувања, како филмот „Кајмак“ на Милчо Манчески и други реномирани македонски и европски филмови, вели Симоноски.

Додава дека се задоволни од посетеноста и истата е на повисоко ниво за разлика од претходните години, потенцирајќи дека голем интерес имало за нивните театарски претстави.

Голем дел од граѓаните не успеаа да дојдат до билет за претставите „Енергични луѓе“, а посебно за претставата „Секс лага и љубомора“. Се надевам со отпочнување на репертоарот за 2023 година ќе имаат прилика да уживаат во изведбата на нашата реномирана актерска екипа во овие две претстави и нормално во новите што ќе ги подготвиме во 2023 година. Направивме квалитетни театарски претстави кои побудија интерес кај пошироката публика. Имаше публика која е редовен наш посетител, но имаше публика која за прв пат посетува културен настан поточно театарска претстава, кој прочитал од медиуми, кој слушнал од друг кој веќе бил на претставата. Сакам да кажам во секоја сфера-доколку имаш квалитетен производ успехот е неизбежен, истакнува Симоноски.

2023 година, вели, ќе ја продолжат со иста динамика и уште поголем мотив за работа, како и реализација на нови проекти.

Ќе ги реализираме нашите сопствени манифестации (Балкански фестивал, Прличеви Беседи и Староградски средби). Во театарскиот дел имаме аплицирано со 7 проекти во министерството за култура за 2023 година, да почекаме да видиме кои и колкав број ќе ни одобрат. Нормално на репертоар ќе бидат и претставите кои во 2022 година побудија голем интерес кај публиката. Ќе работиме и во 2023 година да имаме други надворешни театарски проекти и други настани кои ќе го збогатат нашиот репертоар, а со цел да ги задоволиме апетитите на охридската публика. Актерите макотрпно работат за аплаузот на публиката, заклучува Симоноски.

Н.С.Ј.