Во една од најстарите образовни институции на Сорбона, Институтот за ориентални јазици и цивилизации денеска ќе се одржи Симпозиум посветен на големото име на македонската кнжевност на интернационален план, Живко Чинго (1935-1987).

Воведно обраќање на симпозиумот ќе има ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш по повод второто издание на романот „Големата вода“, кој го објави издавачката куќа „Le nouvel Attila“, а во превод на Марија Бежановска. На симпозиумот учествуваат голем број имиња од издавачкиот и книжевниот свет на Франција, во организација на професорката Фроса Бушро, шеф на катедрата по македонски студии во Париз.


По симпозиумот, во големиот аудиториум на ИНАЛКО ќе биде прикажан играниот филм „Големата вода“ во режија на Иво Трајков.

Живко Чинго е роден во охридското село Велгошти во 1935 година, каде го започнува своето школување, а го продолжува во Охрид и во Скопје. По завршувањето на Филозофскиот факултет работи како професор во гимназијата во Охрид. Потоа доаѓа во Скопје и работи во весниците: „Студентски збор“, „Млад борец“, потоа во РТС, во Центарот за политички студии, во Републичкиот комитет за култура. Исто така, бил советник во Министерството за култура и директор на МНТ. Добитник е на највисоките македонски и југословенски награди. Пишувал раскази, романи и драми. Збирките раскази: „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Семејството Огулиновци“; романите: „Сребрените снегови“, „Големата вода“, „Ал“ и „Бабаџан“ и драмите: „Четирите прекрасни годишни времиња“, „Образов“, „Сурати“, „Работници“, „Под отворено небо“, „Кенгуров скок“. Починал во Скопје, 1987 година.

 

OhridNews