Иако Охрид во минатото столетие претставувал главен индустриски столб во републиката која била дел од поранешната федерација, денеска фабричките капацитети од кои егзистирале десетици илјади фамилии од регионот, зјаат празни. Низ транзицијата и преминот од еден систем во друг, голем дел од вработените се најдоа на улица, а најхрабрите кои не се снајдоа во својата земја, одлучија парчето леб да го печалат далеку од родните огништа.


немаштијата ги протера  и „амалите“ од  кај стариот чинар

Дел од оние кои останаа во Охрид, силно ја чувствуваат сиромаштијата. Со скромни приходи, ниски социјални примања и преживување од ден за ден, оваа категорија граѓани секојдневно се соочува со низа проблеми далеку од очите на јавноста.

Со 2200 денари социјална помош не се живее. Струја, сметки, вода, ам за јадење. Децата ми одат во школо, бараат по 10 денари да каснaт нешто. Работа се нема од кога пропаднаа фабриките. Друго време беше тогаш. Имаше за сите, ќе се сработеше, ќе скрпевме колку толку. Сега нема нит за лек.“ – вели наш сограѓанин, кој инсистираше на анонимност.

Нашиот соговорник, чие петчлено семејство преживува од социјална помош, од време на време работи како „амал“ по охридските домови, а често пати облеката и обувките ги бара низ контејнерите по градските улици.

Вчера најдов три пара фармерки по контејнерите. Мора да се снајдеме од некаде, зима фати и ладно е. Кога ќе ме побараат, неколкупати месечно одам како амал кај побогатите охриѓани, ама ни тоа не „ојт“ поќе. Многумина бараат таква работа не за да избегаат од сиромаштијата, туку за да преживеет. Навистина не знаеме како понатаму.“ – додава нашиот соговорник.

Дека во Охрид има сиромашните граѓани, покажува зголемената продажба на бајат леб, кој освен во „маалските“ продавници, може да се најде и по локалните пекари неколукратно поевтин.

За дом спремни, ама за народот никаде. Јадеме бајат леб, кој чини од 10 до 15 денари. Понекогаш ни го даваат и така, беспари. Ќе го натопиме во вода, во чај колку да омекне. Се фалат дека имало работа, соодветна социјална помош, па и дури и станови. Но тоа само пред јавноста. После се чудат што бараме бугарски пасоши за да заминеме оттука. Кога Србија и Албанија ќе влезат во Европа, сите ќе заминеме од немаштијава.“ – вели друг охриѓанец.

Граѓаните кои се на работ на егзитенција се присетуваат на животот во поранешната Југославија, кога, според нив, подобро живееле.

Земав 3000 марки во таа титова Југославија што не ни чинеше и  која ја плукавме катадневно. Ама оваа сега чинит. 500 денари не можам да земам во месецот. Барем тогаш работевме сите, си помагавме, бевме осигурани и ни течеше стаж. Никој не гледаше која националност си или на која вероисповед и припаѓаш. Пасоши воопшто не ни требаа. Подалеку од Љубљана немаше потреба да се патува. Чуму ти беше. Ако некој сакаше море, ете ти ја Хрватска, некоја сакаше на бања – ете ти ја Србија.“ – вели носталгичен сограѓанин.

Потрошувачката кошничка 32.215 денари, а минималната плата 8800 денари

Како што пренесе телевизијата „Телма“, последната синдикална минимална потрошувачка кошничка во Македонија, измерена од страна на Сојузот на синдикатите изнесува 32.215 денари, а минималмата плата од март оваа година ќе изнесува само 8.800 денари. Реалната разлика за нормално функционирање на  граѓаните е во износ од 23.415 денари. Само за исхрана и пијалаци,  месечно граѓаните трошат повеќе од 13.500 денари, за домување над 10.000 денари, 6.000 денари за хигиена, превоз, облека и обувки, а најмалку за одржување на здравјето – само 651 денар.

сатницата во Германија изнесува околу 7,5 евра

Младите се иселуваат во странство

Според податоците на Службата за статистика на Европската Унија, Еуростат, дури 230 000 македонски граѓани официјално се ислелиле од земјава и имаат регулиран престој во странство во периодот од 1998 до 2011 година. Исто така, податоците од Светската банка покажуваат дека од Македонија се иселиле 447 илјади луѓе.

Неретко и студентите кои аплицираат и добиваат работа во странство, одлучуваат на нелегален начин да останат во земјите каде што отпатувале. Причините се повеќе од јасни, ако се знае фактот дека сатницата во Германија изнесува околу 7,5 евра, а оваа земја не е толку оддалечена од Македонија.

Проблем со оброзавниот систем, стурчниот кадар ја напушта Македонија?!

Деновиве, Македонката Даниела Ристова во порталот „Okno.mk“, јавно проговори за проблемите кои ги има македонскиот образовен систем и новиот закон за високо образование, според кој луѓето што докторирале на престижни универзитети треба веднаш да се вработат со посебни бенефиции.

Ете, јас лично докторирав на New York University (рангиран на 27 место во светот) на катедра која ја нема во Македонија, поднесов барање до МОН за работно место и никогаш не добив повратен одговор. На матичниот факултет, каде работното место (помлад асистент) ми беше во мирување, не ми понудија ништо, дури ми рекоа дека според правилникот на универзитетот треба да чекам до 2015 година за именување во асистент! После долго живеење во Македонија, знаев дека треба да имам план Б. Така, уште пред да се вратам од Њујорк, се пријавив за постдокторска работа во институт при Австриската академија на науките. По интервјуто преку Скајп, мејл-препораката од моите ментори од NYU и приложените објавени трудови, бев примена веднаш. Дури и добив funding од ЕУ пред два месеци. Сега сум во Виена со моето семејство. И така, тешко дека пак ќе се вратам и ќе барам работа во Македонија.“ – вели Ристова во ставот објавен на порталот „Okno.mk“.

О.Т.