Петчленото сиромашно семејство Митреви за кое пред една година пишуваше OhridNews, повторно остана под отворено небо. Откако во октомври минатата година трошната колиба ја заменија со топли соби во куќата на дедо Стојан, денеска договорот за закуп под ќирија им истекува.
Митреви кои се наоѓаат во исклучително тешка социјална состојба со три малолетни деца, повторно ќе треба да преноќуваат во импровизираниот дом направен од дрвени штици и стари килими, каде што нема вода и струја.
„Киријата за собата е исплатена. Од денес, повторно ќе треба да живееме во импровизирана колиба. Обично кошарче со теписи, полно со влага. Без струја, канализација и вода. Дојдете на лице место, видете дали постојат основни услови за живот.“ – вели Ацо Митрев.
Родителите на трите малолетни деца се без вработување, а Митреви веќе подолг временски период се со здравствени проблеми.
„Јас сум болен човек, татко на три малолетни деца. Живееме со 3000 денари. Не знам дали попрво да плаќам за кирија, дали за лекови или за леб. Испративме документи за вработување на сопругата, но за сега ништо. Се уште го чекаме одговорот од надлежните.“ – додава Митрев.
Неодамна, две од трите малотени деца на ова семејство се привремено сместени и згрижени во домовите во Битола, односно Кавадарци. Како што објаснува Митрев, децата ќе бидат вратени на родителите откако тие ќе го решат егзистенцијалниот проблем со кој се соочуваат.
„Ве молам вас, надлежните и хуманите граѓани да ми помогнат што побргу, бидејќи остануваме на отворено небо. Киријата истекува, а веќе мораме да ја ослободиме куќата. Бараме некој квадрат, да не умираме на дождов и ладново. Не барам ниту палата, ниту место во центар. Нека биде соба во периферијата, земјиште или дел од куќа каде ќе има струја и вода. После тоа што ќе биде, само Бог знае. Аплициравме за социјалните станови, навремено ги доставивме документите, но истите ми ги вратија и ме одбија без некакво образложениее.“ – потенцира Митрев.
Газдата на куќата каде до сега беше сместено ова петчлено семејство, вели дека трошната колиба која припаѓа на Митреви е во исклучително лоша состојба без никакви хигиенски услови.
„Мојава куќа е препишана на трите керќи, а собата ќе морам да ја испразнам. Затоа сторете нешто за да не одат во крастана. Одете и видете го колибчено на што личи. Не знам како ќе преживеат козите кој што таму ги чуваат Митреви, а не пак луѓето. Мора нешто да се стори и да им се даде покрив на главата. Благодарение на ова дете од Австралија, до сега беа спасени. Но како понатака, никој не знае.“ – вели Стојан Спироски.
Минатата година, по дописот во OhridNews, Македонската православна социјална служба од Сиднеј, Австралија, донесе помош за петчленото сиромашно семејство, обезбедувајќи им топол дом. Во хуманата акција се вклучија свештеникот Ромео Петрески, парох во црквата Св. Троица во населбата Радојца Новичиќ во Охрид, како и Лајанс клубот Лихнидос, кој донира вредна помош во облека, обувки, брашно, масло и други намирници.
Деновиве температурите се во опаѓање, а веќе сме на почетокот од есента. Доколку никој не им помогне, Митреви не знаат како ќе преживеат и како ќе им овозможат услови на своите деца за нормален живот.
О.Т.