Воздухопловните власти во Македонија, со своите пропусти, довеле до тоа да опадне нивото на безбедност на целиот систем на цивилното воздухопловство во Македонија, објави босанската Федерална ТВ, повикувајќи се на новиот извештај за загинувањето на Борис Трајковски, пренесува весникот „Вест“.
За разлика од првата истрага, во која како причина за авионската несреќа во која загина македонскиот претседател Борис Трајковски беше наведена пилотска грешка, Истражната комисија овој пат утврдила системски пропусти кои што индиректно довеле до несреќата. Управата за цивилна и воздушна пловидба на Македонија не била стручно, кадровски и организациски оспособена, како што не бил ниту секторот за превоз и одржување на авионите при Службата за општи и заеднички работи на Владата на Македонијаа, објави Босанската федерална телевизија во своите централни вести.
Телевизијата се повикува на Извештајот за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, а кој денеска, од Истражната комисија, бил предаден на Обвинителството на БиХ и на Министерството за сообраќај и комуникации на БиХ.
Воздухопловните власти во Македонија, со своите пропусти, довеле до тоа да опадне нивото на безбедност на целиот систем на цивилното воздухопловство во Македонија, кај летачкиот кадар имало пропусти во системот за обука за посебни овластувања кои што се впишуваат во дозволите за летање. Недоаѓањето на задолжителни годишни проверки на симулатор, како и честите прекини во континуитетот на летањето, се одразиле на безбедноста и непосредно придонеле за несреќатаа, се вели во извештајот, а кој што го цитираше босансаката ТВ.
Како индиректни причини за несреќата, Комисијата ги наведува и сложената метеоролошка состојба, но и непрецизно навигациско средство.
– Пред падот на авионот во кој што загина македонскиот претседател Борис Трајковски не дошло ниту до експлозија, ниту до пожар, и нема траги кои би упатувале на диверзија или на терористички чин. На несреќата во која загинаа Трајковски, неговите соработници и екипажот, влијаеле серија критични пропусти, случувања и услови. Директна причина за несреќата било спуштањето на авионот под минимално пропишаното ниво, а на тоа влијаела недоволната, неквалитетна и нецелосна подготовка на екипажот за приоѓање и слетување, потоа игнорирањето на информациите за временските услови од контролорот на летот, погрешното одредување на финалната точка за приоѓање (што довело до предвремено намалување на висината на авионот), потоа исклучувањето на автопилотот во фаза на приоѓање, недоволната тимска работа на екипажот, пилотовското неодржување на хоризонтален лет и несоодветната реакција на копилотот – објави Босанската федерална ТВ, повикувајќи се на извештајот.
Иако своевремено имаше обвинувања и за СФОР, според кои наводно дури 25 часа тие ја криеле локацијата на паднатиот авион, во овој извештај не се спомнува евентуална нивна одговорност.
Ова е втора истрага за причините за авионската несреќа во која загина претседателот Трајковски и уште осуммина патници. Авионот се урна на слетување во Мостар, на 26 февруари 2004 година.
OhridNews
Извор: „Вест“