Заклучно со денеска, практично бидејќи имаше неколку денови оставени за по пошта да стигнат проекти, сите општини, 80 општини поднесоа апликации за реализација на проекти од вториот повик, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски. Посочи дека скоро 900 апликации од 80 општини се поднесени за реализација на проекти.

И можам да кажам дека сега имаме близу 900-тини само од вториот проект. Или кога ќе се соберат од првиот и вториот повик заедно, тогаш ќе имаме вкупно 1.200. Тоа се 1.200 градилишта во Македонија. Тоа е историска, би рекол вековна работа. И тоа го правиме за идните генерации, но и за денешните генерации кои што заслужуваат подобри услови за живот, истакна тој.

Претходно од Општина Охрид информираа дека аплицирале со 16 проекти меѓу нив за изградба на катна гаража, локален пат Дебелополе од село Горно Лакочереј до село Лескоец, реконструкција на дел од улица „Даме Груев“ со осветлување, реконструкција на линиски инфраструктурен објект на дел од ул.„Партизанска“, реконструкција на дел од улицата „7-ми Ноември“ со осветлување, дел од улиците „Кленоец“ и „Петрино“.

Исто така, аплицирано е и за проект за употреба и одржување на урбан простор на Холандскиот парк, објект за фекална и атмосферска канализација во населбата Влашка Mаала, патот до автокампот Љубаништа, реконструкција на дел од улиците ул.„Петрино“ во село Лескоец, патот што ги поврзува селата Лескоец и Велгошти, реконструкција на сервиски улици во населба „Бараки“.

На Јавниот повик уште е аплицирано и со проекти за мониторинг и управување на водоснабдителен систем и изработка на ГИС податоци, за –SKADA, за примарна фекална канализација во село Долно Лакочереј и Охрид 4 до приклучна шахта Алтанин мост, за локален пат до село Завој и реконтрукција на улица во селото Долно Лакочереј (крак 2).

Обезбедувањето на подобри услови за живеење во сите урбани и рурални средини е наш приоритет и затоа продолжуваме со уште посилно темпо да реализираме низа проекти во интерес на граѓаните, посочи градоначалникот Кирил Пецаков.

Инаку, вкупната вредност на проектите е 469.650.078 денари од кои 425.592.114 денари ќе бидат обезбедени од средствата на Јавниот повик, а 44.057.964 денари обезбедени од буџетот на Општина Охрид.

OhridNews