Прелиминарните резултати од лабораториските испитувања на дополнителните 25 мостри млеко и преработки од млеко направени во акредитираната лабораторија на Факултетот за ветеринарна медицина, потврдија дека домашното млеко и млечните производи се безбедни, односно дека во нив нема присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации пропишани во Правилникот за општите барања за безбедност на храната, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Станува збор за испитани репрезентативни мостри млеко и преработки од млеко, земени по случаен избор од прометот. За овие резултати следи официјална потврда од Факултетот за ветеринарна медицина, согласно акредитираната метода за испитување на афлатоксини во млекото и преработките од млеко.

За претходните резултати од анализите на млекото и преработките од млеко, за кои викендов Агенцијата за храна и ветеринарство информираше дека се безбедни, добиена е и официјална потврда од страна на Факултетот за ветеринарна медицина.

Од Агенцијата информираат дека се засилени  контролите на граничните премини, а од пред десеттина дена на сила е и наредбата за задолжително земање на мостри за испитување на афлатоксини кај увозното млеко и преработките, со што до добивање на резултатите дека производите се безбедни, истите не смеат да се пуштаат во промет.

Заради поголема безбедност, од минатата недела, со измена на наредбата за ветеринарно јавно здравство, сите млекарници во државаа имаат обврска пред да го пуштат во промет, за млекото да обзебдат доказ дека не содржи афлатоксини над максимално дозволената граница од 0,05 микрограми на килограм.

Засилен е и мониторингот на домашното сурово млеко. Во ниту една мостра сурово млеко, земени од сите региони во државава во текот на овој месец, ниту со спроведените контроли на суровото млеко во рамки на Националната програма за контрола на резидуи во текот на  2012 година, не е утврдено присутво на афлатоксинот М1.

OhridNews