Иако судбината на некогаш влијателниот медиум во Македонија е (не)извесна, конкурентските телевизии побрзаа да го заземат најледаниот термин на А1 телевизија, вестите во 19 часот.

Канал 5 засилен со Татјана Стојановска на спикерската позиција, која до неодамна беше заштитен знак на А1, почна да емитува вести во 19 часот. Конкуренција телевизијата има во Алфа која исто така го промени информативниот концепт и сега централниот дневник од 17.30, кога емитува куси вести, го префрли во 19 часот. Најава за промена на терминот на централните вести за еден час има и од Сител.

Во анализата што ја направи „Утрински Весник“, секоја од телевизиите со свое образложение за промената на терминот на вести. Од Канал 5 за весникот објаснуваат дека промената на терминот на вестите во 19 часот се должи на новата програмска шема, со цел зголемување на гледаноста и гледачите.

Од Алфа промената на терминот ја сметаат за логична. Оценуват дека имале најреални и најквалитетни вести и дека било природно да ги приспособуваат своите термини за да остварат поголема гледаност.

Сител стартува со Дневник во 19 часот од 1-ви август, а поместување има во целата програма на телевизијата. Оттаму објаснуваат дека на тоа ги упатиле рејтинг-агенциите, а одлуката за промена на целиот термин била донесена во јуни.

Терминот на конкурентот во згаснување од влијателните национални медиуми единствено не го пикира Тв. Телма, која своите вести, кои според стручната јавност и релевантните институции се најизбалансирани и најреални ги емитува во 15.30, 18.30 и 21.40 часот.

А1 деновиве отиде под стечај поради милионски долгови за неплатен данок, а од одлуката на Собранието на доверители ќе зависи дали некогаш моќната телевизија ќе оди во ликвидација со што ќе ја загуби и лиценцата за работа. Над 200 вработени добија отказни решенија. Дел од нив заминаа во други медиуми, а телевизијата престана да емитува вести и емисии во познатите термини за кои сега битка водат конкурентите.

OhridNews