Екипите на Центарот за јавно здравје, пред официјалниот почеток на летната туристичка сезона, направија увид и анализа на површинската вода од охридското и струшкото крајбрежје, при што се земени  примероци од 30 мерни места.


Анализите покажале дека 97 % од примероците се од прва и втора класа, освен како и изминатите години, водите од реките кои се вливаат во езерото Велгошка, Коселска и реката Сатеска, кои се со лош хемиски и микробиолошки квалитет, односно припаѓаат на трета и четврта класа.


Во останатите капалишта водата е со квалитет од прва и втора класа, безбедна е и може да се користи за капење, спорт и рекреација. Очекуваме во јули да се изврши уште еден увид и анализа на исто толкав број примероци. Очекуваме мало опаѓање на квалитетот во екот на сезоната, но тоа ќе биде незначително и нема да влијае врз квалитетот на водата, вели Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.

Безбедна за пиење е и водата од јавните чешми во градот и околината, како и водата за пиење од градската водоводна мрежа. Последните извршени анализи покажале дека безбедна за пиење е и водата од Билјанините извори, која редовно се контролира.


Температурата на водата во Охридското езеро во моментот е 20 степени со тенденција за покачување поради топлото време и постојаното покачување на температурата на воздухот.

Т.К.