Сите образовни институции и две јавни претпријатија од Охрид аплицирале за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември.  На ниво на држава вкупната бројка изнесува 518 субјекти.

На повикот пријавени се сите образовни институции во Општина Охрид и јавните претпријатија „Нискоградба“ и „Водовод“. Се очекува да бидат склучени договори за субвенционирање на електричната енергија со важност од 1 декември 2022 година, по цена од 95 евра за мегават час, велат од Општина Охрид.

На ниво на држава, пак, се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор.

За оние кои ја искористија таа можност и се пријавија АД ЕСМ преку ЕСМ продажба од 1 декември ќе почне со снабдување на трите категории на потрошувачи опфатени со одлуката на Владата за субвенционирана струја. Субјектите кои не успеале да поднесат комплетни документи до вчера, во следниот период ќе можат да го сторат тоа и ќе бидат ставени на субвенционирано снабдување од 1 јануари идната година, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски посочи дека за вкупно 518 нови субјекти АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ од 1 декември ќе треба да обезбеди електрична енергија по пониски цени.

Засега немаме прецизен и дефиниран податок колкава ќе биде вкупната количина на електрична енергија која АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ ќе треба да ја обезбеди за овие три категории на потрошувачи. Пресметките се прават сега и ќе се изготват во соработка со ЕВН Електродистрибуција, рече Васко Ковачевски.

За новите корисници, како што кажа, делумно ќе треба да се направи набавка на електрична енергија за што Владата ќе субвенционира средства кон ЕСМ од предвидениот буџет за енергетската криза во 2022 и 2023 година.

Н.С.Ј.