Во дерби натпреварот од 17 коло од Супер лигата, ГРК Охрид денеска ја пречекува екипата на Еурофарм Пелистер. Мечот се игра во „Билјанини извори“ со почеток во 18 часот, а вратите на салата се затвораат во 17:30 часот.
Натпреварот е од исклучително значење за двете екипи. Актуелниот првак Е. Пелистер по победата над Вардар во претходното коло брка триумф и во Охрид за да го задржи чекорот во борбата за титулата. Охрид е пред ист предизвик. Со победа „гладијаторите“ остануваат во трка за највисок пласман.
Во редовите на Охрид владее умерен оптимизам пред дерби средбата со Еурофарм Пелистер. Играчите најавуваат беспоштедна борба и веруваат во добро издание пред своите навивачи во последниот меч пред паузата во првенството.
Ќе го дадеме сите максимумот за да се покажеме во што подобро светло на овој натпревар. Ги повикувам навивачката група „Рибари“, љубителите на ракометот, да дојдат во што поголем број да уживаат во овој натпревар, изјави капитенот на ГРК Охрид Иван Тасески.
Г.М.














