Со мултимедијалниот спектакл  „Трилогија Романа“ од Оторино Респиги, во изведба на Македонската филхармонија под диригентската палка на Себастијан Вејзер и специјалниот  аудио визуелен перформанс што го подготви шпанската компанија „Ла фура дел Баус“, синоќа на Античкиот театар во Охрид, започна  51 издание на фестивалот „Охридско лето“.



Отворањето на фестивалот го проследија многу  видни личности, како и учесниците на регионалниот претседателски самит чиј домаќин деновиве во Охрид беше претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој го означи официјалниот почеток на  најзначајната културна манифестација во земјата.

– Сите патишта на сценската, вокалната и музичката уметност денес водат во Охрид. Во овие 40 дена, Охрид ќе биде духовно пристаниште кое низ уметноста ќе ги обединува луѓето и народите, нивното наследство, но и нивната иднина. Ова лето ќе биде во знакот на безвременото творештво на великаните како Бетовен, Моцарт и Бах. Ова лето публиката ќе има можност одново да ги доживее еврипидовите Електра и Медеја, да се соживее со шекспировите ликови, но и врвните современи драмски остварувања. Токму затоа Македонија е особено горда на фестивалот Охридско лето која низ годините стана втор дом на многу светски ѕвезди но и на ѕвезди во подем,  истакна претседателот Иванов.


Музичкиот дел, кој и оваа година ќе доминира на фестивалот, нуди разновидна програма со многу новитети. Во Охрид годинава ќе гостуваат осумте тенори од Русија, наречени тенори на 21 век. Се издвојува и настапот на Најџел Кенеди, најпродаваниот виолинист на денешницата, а како своевиден спектакл се најавува заедничкиот настап на Влатко Стефаноски и Стефан Миленковиќ, на 2- ри август на Античкиот театар. На фестивалот оваа година ќе настапат и многу нови музички имиња.


Исклучително богата програма се најавува и во драмскиот дел. Предвидени се три премиери од македонска продукција-  првата во изведба на Македонскиот национален театар кој ја подготвува  претставата “Свадбата на Фигаро”. Втората премиера е “Кабаре мистериозо” во режија на Дејан Дамјановски,  во изведба на Охридскиот театар, како и најновиот проект на Битолскиот театар, грандиозната претстава „Одисеј“ во режија на Александар Морфов, со која ќе биде затворен фестивалот. Содржините на фестивалот се збогатени со неколку уметнички изложби, а предвидена е и  проекција на култниот македонски филм „Мирно лето“, кој е снимен пред 50 години.


Концертите и театарските претстави на 51-то Охридско лето ќе бидат изведувани на познатите сцени:  Античкиот театар, црквата Света Софија и нејзиното предворје, отворената летна сцена Долни Сарај и Центарот за култура „Григор Прличев“.

OhrridNews