Во манастирскиот комплекс „Св. Наум“ денеска и утре ќе биде одбележан големиот христијански празник Св. Наум Охридски Чудотворец (летен) кој ужива голем култ во охридско и пошироката околина.
Вечерва по повод празникот ќе се служи Празнична вечерна богослужба со почеток во 19 часот, а утре од 9 часот ќе се служи Света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот Европски Пимен, информираат од Дебарско-кичевската епархија.
Илјадници православни верници вечерва и утре вообичаено како и секоја година ќе го посетат манастирскиот комплекс, за да се помолат за своето и за здравјето на нивните најблиски, обединети во верата и во вербата во чудесната исцелителна моќ на Светецот.
Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се наоѓа на најјужната точка на Охридското Езеро, на триесетина километри оддалеченост од Охрид, додека главната црква е изградена на високиот стрмен брег, во непосредна близина на изворите на Црн Дрим.
Светиот просветител Наум ја избрал оваа тивка и благородна околина за свое живеалиште, место од каде што ја развил племенитата мисија за просветување на човекот. Тука е и неговиот гроб, сместен во југоисточниот дел од црквениот нартекс.
По повод празникот бродовите „Александрија 1 и 2“ вечерва за Свети Наум ќе пловат по празнична цена од 300 денари за повратен билет. Поаѓањето за Св. Наум вечерва е во 19 часот од Градското пристаниште.
Н.С.Ј.