Во манастирскиот комплекс „Св. Наум“ денеска и утре ќе биде одбележан големиот христијански празник Св. Наум Охридски Чудотворец (летен) кој ужива голем култ во охридско и пошироката околина.

Вечерва во 19 часот ќе се служи празнична вечерна богослужба со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, додека утре ќе се служи утрена богослужба во 7.30 часот, како и света архиерејска литургија со почеток од девет часот.

Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ низ вековите важел за место каде голем број луѓе доаѓале да се помолат и да побараат лек за својата мака.

И денес тука секојдневно доаѓаат намерници, не само од христијанската вера, да остават дар, курбан и да се поклонат на гробот на големиот светец кој се смета дека има чудотворна моќ. Ова култно место крие бројни тајни и интересни приказни кои се пренесуваат од колено на колено. Се смета за чудотворно по делата на светецот, а посетителите ден денес раскажуваат за бројни необични случки што ги доживуваат во Св. Наум.

По повод празникот Св. Наум Охридски, летен, бродовите „Александрија“ 1 и 2 и „Галеб“ денес до манастирскиот комплекс ќе пловат по симболична цена од 300 денари за повратен билет. Тргнувањето за Св. Наум е од градското пристаниште во 19 часот, а враќањето за Охрид во 22:30 и 23 часот.

OhridNews