Во манастирскиот комплекс „Св. Наум“ денеска и утре ќе биде одбележан големиот христијански празник Св. Наум Охридски Чудотворец (летен) кој ужива голем култ во охридско и пошироката околина.

По повод празникот посветен на Светиот Чудотворец Наум Охридски, во мир упатуваме покана до сите верници кои следните два денови се во можност да дојдат и воедно да го посетат нашиот манастир Св. Наум Охридски, велат во поканата од одборот на манастирот.

Овие денови сите патишта нека не водат до манастирот и вечното почивалиште на светителот кој повеќе од 1100 години наназад благодарение на неговото битие и непроценливи дела кои ги оставил зад себе е силен столб на православието на нашите простори, притоа привлекувајќи се повеќе луѓе низ годините во мир и молитва да најдат спокој на ова свето место и да посведочат за чудата на нашиот светител. Во посебен режим и организација на луѓето одговорни во манастирот како и секоја година така и оваа ќе биде служена света литургија во присуство на сите верници кои се во можност да присуствуваат, велат.

Со Божји благослов за здравје и среќа сите заедно и ова лето Господово 2022-во да го чествуваме овој посебен ден, притоа продолжувајки го споменот кон Свети Наум Охридски – Чудотворецот кој живее во сите нас. На многаја лета!- се додава во поканата.

Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ низ вековите важел за место каде голем број луѓе доаѓале да се помолат и да побараат лек за својата мака. И денес тука секојдневно доаѓаат намерници, не само од христијанската вера, да остават дар, курбан и да се поклонат на гробот на големиот светец кој се смета дека има чудотворна моќ. Ова култно место крие бројни тајни и интересни приказни кои се пренесуваат од колено на колено. Се смета за чудотворно по делата на светецот, а посетителите ден денес раскажуваат за бројни необични случки што ги доживуваат во Св. Наум.

По повод верскиот празник денес бродовите „Александрија“ и „Галеб“ ќе пловат до манастирот „Св.Наум“ по празнична цена од 400 денари за повратен билет, а истите тргнуваат во 19:30 часот од градското пристаниште.

Од бродови „Александрија“ уште соопштија дека на денот на празникот, недела, 3 јули, до манастирскиот комплекс ќе пловат по празнична цена од 500 денари со поаѓање во 10:00 часот.

Н.С.Ј