Светот денеска го одбележува Денот на лицата со Даунов синдром. 21 март е симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.

По повод овој ден, Лајанс клубот „Деница“ од Охрид под мотото „Сите во ист свет живееме“,со заедничка дружба на препознатлив начин го одбележа Денот на лицата со Даунов синдром.

Како ЛК Деница одлучивме овој убав ден да го одбележиме со заедничка дружба во која сите ќе бидеме препознатливи по знакот на одбележјето на овие деца, а тоа се шарени чорапи, кои се еден вид симбол на екстрагенетичкиот материјал кој го има во 21-виот хромозом. Нашето мото, односно мотото на скопскиот Центар за лица со Даунов синдром е „Сите во ист свет живееме“. Водени од него, имаме за цел да ја подигнеме јавната свест, односно да ја разбиеме таа стигма која е околу овие лица. Екстра хромозом значи есктра талент или екстра љубов за сите.“ – велат од ЛК „Деница“.

Од ЛК „Деница“ велат дека во моментов се работи во насока на подобрување на условите во Дневниот центар „Зраци“.

Апелираме до сите институции и наши сограѓани да се вклучат во овие акции. Би сакале да го издвоиме Инфел, кој на наше барање изреагира да постави кабелска телевизија и интернет во овој центар. За пофалба се студентите од УИНТ „Св. Апостол Павле“, кој што изработуваат програма за тие дечиња. Би сакале да упатиме молба до „Нискоградба“ да им овозможи една дополнителна пумпа за вода во овој објект. Апелираме и до хуманите граѓани, да донираат компјутери, за да можеме да ги вклучиме и овие дечиња во интернет технолигијата.“ – потенцираат од ЛК „Деница“.

Родителите на деца кои имаат Даунов синдром, велат дека потребно е поголемо интегрирање и вклучување на овие лица, во секојдневниот живот.

Би сакала да кажам дека секогаш ги гледам работите од позитивната страна и покрај секојдневните проблеми со кои се соочуваме. Овие лица не се доволно интегрирани во целокупниот општествен систем. Но морам да кажам дека овие деца со своите размисли и постапки, можат да ве направат горд родител. Тие имаат капацитет, можат да се вклопат во општеството, но институциите се некако таинствени и се е препуштено на нас родителите.“ – вели мајка на дете со Даунов синдром.

Инаку, овој настан на ЛК „Деница“ е дел од акцијата „Хуманитарна вечер под маски“ поддржана од Ротари и трите лајанс клубови од Охрид, која ќе се одржи на 1-ви април.

OhridNews