Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на приемот, што по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, се одржа во Генералниот конзулат во Венеција (Местре).
Пред присутните гости, припадници на македонската дијаспора во Италија, порача дека дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да бидеме стандардна европска држава, во која младите ќе остануваат, со која иселениците ќе контактираат и ќе се враќаат.
Порачувајќи дека иселувањето, особено на младите, стана најголема закана за нашата иднина, побара помош од дијаспората во спречувањето на егзодусот, преку поактивно учество во креирањето политики и носењето одлуки.
Вашата заедница е сведоштво дека, изминативе неколку децении, бројноста на иселеничка Македонија расте, а на домицилната се намалува, за жал. Причини има многу, но би издвоила две. Прво предолгата демократска транзиција и консолидација и незавршената битка за владеење на правото. Второ, неправедните блокади на нашата европска интеграција коишто ја исцрпуваа државата. Иселувањето, егзодусот, особено на младите, стана најголема закана за нашата иднина. За да го спречиме егзодусот потребна ни е помош и од дијаспората. Потребни ни се вашите идеи, вашето знаење, вашето искуство, и вашето поактивно учество во креирањето на политиките и носењето одлуките кај нас, дома, што е наша, а не ваша обврска, истакна Сиљановска-Давкова.
На сенародната средба претходеше разговор на претседателката со претставници на македонските здруженија и на црковните општини на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на Исламската верска заедница.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во посета на дијаспората во Италија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание
OhridNews
Фото: Кабинет на претс.