Поранешниот прв човек на УБК се сомничи дека поттикнат од политичка одмазда нарачал апсењето на Љубе Бошкоски, ден по парламентарните избори во 2011 година, да биде спроведено на насилен начин, пренесува „Телма“, откако Специјалното јавно обвинителство денеска на прес конференција соопшти дека отвора случај „Тортура“, во кој се сомничат екс директорот на УБК, како и шестмина припадници на посебната полициска единица „Алфи“. Од СЈО констатираат дека иако лидерот на Обединети за Македонија не давал никаков отпор при апсењето, полициските алфи употребиле сила и закана со огнено оружје, со што ги пречекориле овластувањата.
– Притоа второосомничениот, кој бил командант на единицата Алфи со зборовите, „Легнете го на земја, на земја да се апси“, „Легни го доле, легни го доле“, издал наредба за начинот на реализација на апсењето, по што трето, четврто, петто, шесто и седмоосомничениот употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го оштетениот Бошковски по нозете и држејќи го за рацете, Фатиме Фетаи, Специјално јавно обвинителство.
Обвинителката Фетаи опиша дека Бошкоски при апсењето бил малтретиран, заплашуван, навредуван со пцовки и половина час бил држен прилепен со лицето на полски тоалет.
– Моќта, и на функцијата, и воопшто општата претстава за личноста на Директорот на УБК произвела беспоговорно постапување на полициските службеници и сервилна покорност на неговите наредби, вклучително и на оние наредби како оваа, со која директно се напаѓа човековото достоинство, изјави Фетаи.
Специјалното обвинителство не побарало ниту мерка притвор, ниту одземање на пасошите за ниту едно од седумте осомничени лица во случајот „Тортура“.
Во прислушуваните разговори што ги објави СДСМ можеше да се чуе како дел од тогашните високи функционери на МВР го коментираат апсењето на Бокоски и договараат како информации да се пласираат преку медиумите.
Љубе Бошкоски беше уапсен на 6-ти јуни 2011 година, ден по парламентарните избори, под сомнение за Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. Полицијата објави дека бил фатен со кесе со 100.000 евра, а беше осуден на седум години затвор врз основа на сведочење на заштитен сведок. Апсењето на Бошкоски беше опфатено и во извештаите на Стејт Департментот од 2011 и 2012 година, во кои беше нотирано дека Македонија е земја на политички затвореници.
Извор:„Телма“