Со фалсификат документација конзорциум добил јавна набавка вредна повеќе од 17.200.000 евра, а Специјалното јавно обвинителство врз основа на три прислушувани разговори, денеска, отвори нова истрага под назив „Труст“, против три физички и три правни лица, јавува „Макфакс“.

Како што појасни специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, новата истрага ќе покаже до каде одела борбата за добивање тендери и како конзорциум со фалсифиувана документација добил тендер и анекс на договор во вредност од 1.060.000.000 денари или 17.235.772 евра.

Имено, истрагата е покрената од три разговори, од кои два не се објавени, а се работи за ископ на јаглен од Суводол во Битола, за потребите на РЕК Битола, при што осомничени се управителот на Трансмет, второ осомничен е управителот на Силекс неметали и управителот на „Ваго доо“ – Студеничани кои склучиле договор од ЕЛЕМ.

За да учествуваат на тендерот, поднеле фалсификувана документација со која прикажале непостоечка состојба за поседување на механизација, односно покажале договори кои не биле склучени за купопродажба на дампери на дробилица, при што, дробилицата која ја поседувале не соодветствувала со бараната во објавениот тендер. Нивната била помала и неподвижна, а се барала дробилица со поголем капацитет и подвижна.

Комисијата која ги примила документите за учество на тендерот оценила дека конзорциумот поседува соодветна механизација и го одобрила договорот.

На овој начин 1.060.000.000 денари се исплатени од ЕЛЕМ кон конзорциумот, а осомничените сториле злоупотреба на правилата за јавна набавка.

Во постапката на СЈО осомничени се и трите правни лица. Од СЈО појаснија дека во следните денови ќе бараат притвор против две од осомничените физички лица.

СЈО ја прошири истрагата за „Титаник“

За првиот предмет кој го покрена Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, во оваа фаза истрагата е проширена за 17 лица и повеќе дела кои ги сториле од првично истражените.

Специјалното јавно обвинителство со случајот „Титаник“ сомничи поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности.

Како што појасни специјалната обвинителка Катица Јанева, проширувањето се должи должи на тоа што од преслушување на аудио-фајловите виделе дека има повеќе лица кои се инволвирани во овие кривични дела и оваа истрага е отворена за пет лица кои делувале како организатори, а останатите се извршители.

Во овие седумнаесет лица има лица против кои и до сега се водеше постапка, но сега им се ставаат и нови дела на товар, а има и нови. Сепак, појаснуваат од СЈО се работи за високи функционери од политички партии, но не сакаа да прецизираат на кои политички партии се припадници.

Се товарат за изборни нерегуларности и финансирање на изборната кампања. Како што појаснија, дел од доказите се прибавени врз основа на аферата „Списоци“, откриена и објавена од новинари.

Специјалното јавно обвинителство во случајот „Титаник“ отвори истражна постапка против повеќе лица за кривични дела, злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.

OhridNews
извор: „Макфакс“