За последните шест месеци тимот на Катица Јнавеа поднесе вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела, напиша специјалната јавна обвинителка во извештајот за работата на СЈО. Во текот на извештајниот период отворени се вкупно 7 нови истражни постапки против вкупно 25 физички и преземени се истражни дејствија спрема 4 правни лица. Јанева пишува дека е особено важно мислењето на Апелациониот суд од Скопје за бомбите како доказ во судската постапка. Од Судот во прв степен не е определена ниту една од побараните мерки притвор, пишува Јанева. Најмногу кривични дела се за злоупотреба на службената положба и овластување, дури 77, и злосторничко здружување, 26.

Во извештајниот период почнале 142 нови предистражни предмети. Од нив 49 предмети се формирани по сопствена иницијатива, а 93 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители. Вклучувајќи ги претходно отворените 50 активни предистражни постапки во ова јавно обвинителство во моментот се во работа вкупно 99 активни предистражни постапки. СЈО ги анализира форензичките копии од предметот против Захир Бекири викан Чауш и Имер Бекири доставен од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, при што утврдени се повеќе од 80 000 аудиофајлови за кои веќе се анализира колкав е бројот на телефонски разговори кои се предмет на незаконското следење на комуникациите.

„Од одземените предмети при извршениот претрес кај едно лице во рамки на една предистражна постапка во извештајниот период при анализа на форензичките копии утврдени се повеќе од 15 000 аудиофајлови на кои во моментот се врши обработка во насока на утврдување колкав е бројот на телефонски разговори кои се предмет на незаконското следење на комуникациите. Укажувам дека за оваа предистражна постапка сè уште во тек е форензичка анализа на одземените предмети, така што презентираната бројка не е конечна бројка“, пишува во извештајот. Јанева пишува дека од отворање на истражната постапка во предметот познат во јавноста како „ТАРГЕТ” поднесени се вкупно 716 барања од граѓани за проверка на 1976 различни телефонски броеви.

„Во рамки на четвртиот извештаен период во одредена мера се надминати дел од опструкциите на кои посочив во претходните извештаи. Во оваа смисла, кон крајот на овој извештаен период беше видливо дека поголем дел од институциите почнаа да покажуваат подготвеност за соработка со ова јавно обвинителство, како и нивна подготвеност за постапување во рамки на законски пропишаните обврски. Вака подобрената соработка очекувам да продолжи имајќи предвид дека во претстојниот период е предвидено преземање на голем број процесни дејствија во рамки на отворените предистражни постапки“, напиша Јанева.

Специјалната обвинителка верува дека во претстојниот период, а во што е можно покус рок, ќе се изнајде соодветно законско решение со кое ќе се регулира правната положба на Специјалното јавно обвинителство за обезбедување законски механизми и отстранување на сите пречки со цел овозможување на ова јавно обвинителство до крај да ги истражи кривичните дела кои се во негова надлежност. „Имајќи го пред сè предвид јавниот интерес, се надевам дека законските измени кои се во тек ќе влијаат на овозможување  правна еднаквост на сите сторители на кривични дела и со донесување соодветни законски решенија да се отстранат пречките во работата на ова јавно обвинителство, а воедно ќе се овозможи негово непречено постапување и исполнување на законските надлежности“, напиша Јанева во извештајот.

OhridNews
Макфакс