Специјалното јавно обвинителство најави жалби на одлуката на Основниот суд Скопје 1, кој го одби предлогот на обвинителството за изрекување мерка притвор на осомничените во случајот за изборни измами под кодно име „Титаник“, во кој се товарат поранешни високи владини функционери од владејачката партија. На својата официјална Фејсбук страница СЈП објави статус на кој пишува дека Судот пропуштил да се запише во историјата и најави жалби на одлуката.

„Кривичниот суд во Скопје засега пропушти да се запише во историјата на Република Македонија. Следуваат жалби!“, напишаа од Специјалното јавно обвинителство на Фејсбук.

Специјалното јавно обвинителство побара притвор за осум лица, но од Основниот суд Скопје 1 се уште нема официјална информација за предлогот. Синоќа на распит во судот до довна во ноѓта беа поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко. Тие по завршување на распитот со приватни возила си заминаа од судот. 

Пред судот не се појавија поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и генералниот секретар на владата во 2012 година Кирил Божиновски. Нивните адвокати го известиле судот дека тие се отсутни во странство и дека ќе се јават на распит веднаш по враќање во земјата.

OhridNews