Се потврди најлошото, ИПАРД 3 програмата е суспендирана поради корупцискиот мега скандал на власта. Само кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт се суспендира ИПАРД, корупцијата цвета во власта, реагираат денес од СДСМ.
Земјоделците остануваат без потребната поддршка, поради корупција, партизација и неспособност на кадрите на ДПМНЕ. Суспендирањето на ИПАРД 3 програмата е тежок удар врз македонското земјоделство, врз илјадници земјоделци и компании кои веќе имаат склучени договори и реализираат инвестиции. Овој мега скандал е показател за систем на корупција и клиентелизам што целосно ја разорува довербата на граѓаните во институциите. Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство биле известени за суспензијата уште во петокот, но не ја информирале јавноста, посочуваат од СДСМ.
Одговарајќи на новинарско прашање, Премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на фабриката Костал во Охрид ја поздрави реакцијата на ЕУ, по што уследија апсења за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, потенцирајќи дека истрагата се продлабочува бидејќи има информации и за претходни злоупотреби на средства.
Поздравена е позитивната акција од страна на луѓето од Европската комисијa, рече Мицкоски.
Посочи дека побарал да се блокира исплатата на парите од ИПАРД, за да се види до каде оделе злоупотребите.
Мораме да видиме до каде одат злоупотребите. Затоа што првичните информации велат дека тоа не е од сега туку години наназад тоа е правено, така што се ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен. Кој сака нека биде, рече Мицкоски.
Инаку, Министерството за финансии вчера соопшти дека преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија, Македонија донела одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата. Ваквата Одлука, посочија, следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска















