Како што јави шпанската “Марка“, светската фудбалска федерација – ФИФА по повтореното пребројување на гласовите за избор на најдобар фудбалер на светот во 2006 година, утврдила дека наградата по грешка му припаднала на Фабио Канаваро.

Познатиот спортски весник пишува дека на инсистирање на луѓе од опкружувањето на Зидан било извршено пребројување на гласовите на селекторите и капитените на фудбалските репрезентации, при што било утврдено дека токму францускиот репрезентативец победил во изборот, а не капитенот на актуелниот светски првак Италија.

Според пишувањата на “Марка“ Зидан “Златната топка“, која Канаваро ќе мора да ја врати,  ќе ја добие на мини церемонија што утре ќе се одржи во Монако. Останува сепак да се види дали оваа сензационална вест на “Марка“ ќе биде потврдена или се ќе остане на шпекулации.