Разочарани од односот кон репрезентацијата и од понудените услови за работа се некои кошаркари и стручниот штаб на најдобрата македонска кошаркарска селекција, која пред неколку дена ги почна подготовките за Европското првенство во Литванија (31 август-18 септември). Репрезентативците ги одработија првите тренинзи во Скопје, каде, како што вели селекторот Марин Докузовски, се работело во ненормални услови.


– Немаме доктор, трениравме во салата “Борис Трајковски“ каде што температурата е околу 40 степени и се соочуваме со сериозни здравствени проблеми на кошаркарите. Немаме витамини и пијалаци, кои се повеќе од неопходни во овој период од подготовките. Немаме опрема и ваквиот однос на федерацијата е крајно несериозен, практично ние сме оставени сами на себе и јас и играчите сме непријатно изненадени од односот кон селекцијата, која се подготвува за Европско првенство – вели Докузовски од Охрид, каде што од вчера репрезентацијата ги продолжи подготовките.

Таму „црвено-жолтите“ ќе бидат сé до 22 јули, кога ќе се работи двапати дневно, а овој дел од подготовките ќе го пропуштат Тодор Гечевски и Бо Мекејлеб, додека на тимот му се приклучи капитенот Перо Антиќ. Главен фаворит на Докузовски за местото наменето за странец останува плејмејкерот Мекејлеб.


– За нас главен фаворит е Мекејлеб. Ги знаеме неговите квалитети и доколку Илиевски одлучи да и се приклучи на репрезентацијата само би ја зголемил конкуренцијата на таа позиција. Системот на натпревари е доста потежок од минатиот пат, секој ден се играат натпревари и еден плејмејкер тешко дека ќе ги издржи тие напори – смета Докузовски.

Промената на системот на натпревари благодарение на зголемениот број селекции од 16 на 24 е дополнителен проблем за обезбедувањето пласман во наредната фаза.


– Досега беше доволна една победа, додека сега ќе ни бидат потребни три. Но ние со самиот пласман на Европското првенство направивме успех и сигурно дека ќе гледаме да изненадиме. На нас никој не гледа како на фаворити, меѓутоа мислам дека имаме добра селекција, која може да изненади секого – истакна македонскиот селектор.

По фазата во Охрид, репрезентативците заминуваат за Птуј, каде што ќе играат со репрезентацијата на домаќинот Словенија и против Полска.

М. Постоловски