Националниот парк се подготвува за евентуална реализација на амбициозните планови за изградба на ски центар кој според изнесените планови навлегува во заштитените зони. Неодамна започна процедура за измени во управувањето со паркот. Во средината на јануари презентирана беше стручната студија за влијанието на предвидените зафати во паркот врз животната средина, што ја изработи невдината „Био Еко“, во која се укажува на неопходноста од внимателно планирање на просторот каде се предвидени инфраструктурни зафати, кои можат да ги загрозат природните живеалишта на ендемските видови флора и фауна поради што Галичица е прогласена за национален парк. 

-Пред изработка на проекти се работат студии, односно еколошки студии за влијание врз животната средина каде ќе се преземат мерки како да се намали негативното влијание, инаку факт е дека одредено негативно влијание ќе постои, а целта е тоа негативно влијание да биде што помалку изразено.-истакна на промоцијата на студијата професорот Светозар Петковски од НВО  „Био Еко“.

Покрај ски центар, низ националниот парк Галичица предвидено е да поминува и автопат, а во голем дел во зоната на националниот парк навлегува и планираниот туристички комплекс што треба да се гради во Љубаништа. Доколку сите планирани проекти се остварат, опфатот на НП Галичица значително ќе се намали, поради што, според стручњаците, неопходно е да се размислува за проширување на паркот.

– Треба да се размислува за компензација на она што ќе се реализира во националниот парк и во планирањето на просторот да се зафати друга површина која ќе биде исто така атрактивна од еколошка гледна точка.-вели проф. д-р Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.

Изградбата на ски центар на планината Галичица е изводлива и проектот е одржлив, покажала физибилити студијата, што на иницијатива на локалната самоуправа и владата ја изработи канадска компанија „Еко сајант“. Во тек е подготовка за распишување меѓународен тендер, а во привлекување на потенцијални инвеститори ќе бидат вклучени и економнските промотори на владата, најави градоначалникот Бакрачески. Ски центарот на Галичица ќе биде лоциран над месноста Градиште од каде е планирано да поаѓа главната гондола на ски лифот. Ќе има 15 километри скијачки патеки, што ќе го вбројуваат во категоријата мали ски центри, чиј главен адут ќе бидат природните пејзажи со поглед на две езера.

OhridNews