Скопјанка во 2018 остварила највисок годишен бруто приход во вкупен износ од 1.056.992.055 денари, 17,1 милиони евра, а втор на листата со остварен бруто годишен приход во износ од 453.517.731 денари бил граѓанин од Скопје. Највисоката годишна бруто плата во 2018 година била исплатена во секторот здравство и изнесувала 183.806.532 денари. На листата на највисоко рангирани бруто плати се платите исплатени во секторот трговија со тутун и тутунски производи, компјутерско програмирање, производство на метални производи, аптеки и изградба на станбени и нестанбени објекти. Ова денеска го објави директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на прес конференција, на која ги соопшти највисоките годишни бруто приходи остварени во 2018-та година.
Највисокото лично примање по друг основ изнесува 119.268.921 денари на годишно ниво, а остварено е од граѓанин од Скопје.
Во 2018 година остварен е највисок износ на капитална добивка во последните 10 години, односно лице од Скопје по основ на капитална добивка остварило вкупно 841.164.000 денари бруто приход. Заработка по основ на дивиденди и други приходи од учество во добивката во износ од 407.262.693 денари пријавил граѓанин од Скопје.
Самостојните вршители на дејност, од Скопје во 2018 година доминирале на листата со приходи по овој основ, од кој највисокиот изнесувал 46.024.172 денари.
Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат и адвокати, нотари, извршители и угостители.
Највисоки приходи од продажба на сопствени земјоделски производи остварени биле во Југоисточниот регион каде граѓанин од Гевгелија остварил приходи по овој основ во износ од 25 319 395 денари, додека граѓанин од Валандово остварил приходи во износ од 19.744.161 денари.
Највисоки остварени бруто приходи од имот и имотни права бил жител на Тетово, кој пријавил 84.039.667 денари, додека Скопјанец остварил највисок годишен бруто приход во износ од 22.612.966 денари од авторски права/индустриска сопственост.
Највисок пријавен вкупен бруто приход од игри на среќа остварил жител на Скопје кој само по овој основ остварил 53.611.197 денари.
Пензионер од Скопје бил со највисок годишен бруто приход по основ на пензија остварена во странство во износ од 5 738 783 денари.
Највисок годишен бруто приход по основ на пензиски надоместок за доброволно пензиско осигурување пријавен е во Скопје во износ од 2.798.737 денари.
Највозрасното лице кое остварило над еден милион денари приход било на возраст од 99 години, додека во групата над 10 милиони денари највозрасниот има 93 години.
Лице кое се родило во 2018 година, остварило доход од дивиденда над 1 милион денари, додека во групата над 10 милиони денари, најмладиот има 21 години.
OhridNews