При крај се подготовките за одбележување на празникот Успение на Пресвета Богородица во село Скребатно каде традиционално се одржува голем црковно-народен собир на кој присуствуваат илјадници верници.
Од Црковниот одбор посочуваат дека и годинава празникот ќе биде достојно одбележан почитувајќи ги обичаите.
Во четврток ќе се одржи света литургија со почеток во 08:30 часот. Ќе следува голем црковно народен собир и традиционалниот ручек за сите присутни, информираат од Црковниот одбор.
Додаваат дека наддавањето за бајракот ќе биде во 12 часот, додека ручекот планирано е да биде поделен во 15 часот.
По повод празникот од Општина Охрид информираа дека ќе биде организиран бесплатен превоз во 09:00 часот од автобуската постојка кај пекарата „Мартина“ на булевар „Туристичка“ и од сред село во Лескоец.
Инаку, црквата Успение на пресвета Богородица целосно е возобновена на темелите на стариот храм кој со точност не се знае од кога потекнува. Скребатно за прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година.
Н.С.Ј.