Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) бара од Владата да го либерализира пазарот на трудот, да се зголемат квотите за увоз на работна сила и да се елиминираат бариерите кои го спречуваат регрутирањето на работна сила од други земји. Бара и да се престане со замрзнување на цените на основните прехранбени производи и наместо тоа да се најдат други можности за намалување на цените за крајните корисници, како што се намалување на даноци и ДДВ и интервенирање преку државните резерви.

Состојбата со пазарот на трудот во Македонија е многу алармантна, бидејќи нашите млади заминуваат во странство. Приоритет на Владата треба да и биде да го либерализира пазарот на трудот со земјите од регионот што е веќе започнато со некои земји. Бараме тоа да се направи и со Косово и да ги елиминира бариерите кои го спречуваат регрутирањето на работна сила од други земји, рече претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека мора да се зголемат квотите за увоз на работна сила дури и од Азија, бидејќи има недостиг на работна сила во земјава особено во угостителството, туризмот и градежништвото. Пред тоа да се направи, додаде, мора да се искористат сите капацитети кои ги имаме во земјава.

Агенцијата за вработување треба да биде поажурна и тие што се пријавени за невработени да се вклучат во работната сила и да се вработат во компаниите кои бараат работна сила. Од ден на ден нашата земја останува без работна сила, иако во последните три години дипломирале околу 15 илјади студенти, но за жал тие заминуваат во странство. Се согласуваме дека треба да расте минималната плата, но настојуваме да се зголеми и средната (најчеста) плата на 500 до 600 евра, а не просечната, за колку толку да се спречи одливот на кадри во странство, рече Ќира.

За тоа да се направи, потенцира, инсистираме да се намалат придонесите на плати, кои во нашата земја се прогресивни и се многу високи.

Бараме од Владата да се намалат придонесите за да можат да пораснат и другите плати, а не само минималната. Компаниите веќе можат да исплаќаат средна плата од 500 до 600 евра, но за тоа да се случи мора да се намалат придонесите кои стартуваат од 46 отсто од платата и се прогресивни. Тоа значи што поголема плата даваш, толку повеќе имаш давачки, а од друга страна нема никаков фидбек во делот на здравството каде што и тој што плаќа 150 евра придонеси и тој што плаќа 500 евра имаат ист третман, потенцира Ќура и додаде дека Владата мора да интервенира во овој дел и заедно со работодавачите да го ублажи одливот на кадри од земјава.

Како многу битен проблем, тој го истакна и замрзнувањето на цените на основните производи.

Инсистираме да се престане со замрзнувањето на цените и да се најдат алтернативи, односно да се интервенира со државните резерви и да се побараат други можности за намалување на цените за крајните корисници како што се намалување на даноци и ДДВ, рече Ќура.

Тој посочи дека имале контакти со властите на тема на замрзнување на цените и додаде дека се против тоа, зашто стопанството се уште е во криза иако не како во време на пандемијата и енергетската криза.

Сите производи треба да бидат на слободен пазар и не се согласуваме тие да се замрзнат и да се централизираат. Ние сме демократска држава во која слободниот пазар е главен столб на стопанството. Нормално дека сакаме цените да бидат попристапни за крајниот потрошувач и тој да се помогне, меѓутоа не со контрола на цените, туку со намалување на даноци и ДДВ и други интервенции. Има можност тоа да се направи и да се зачува слободниот пазар, бидејќи дава реална цена и квалитет на стоката и производството. Во спротивно со замрзнувањето на цените ќе имаме неквалитетна стока на пазарот, бидејќи некои компании не можат да ги издржат замрзнатите цени, рече Ќура.

Претседателот на СКСЗМ нагласи дека земјава има проблем и со патната инфраструктура, а како пример ги посочи патните правци Скопје – Блаце и Кичево – Охрид – Струга.

OhridNews