Претставници од хотелската индустрија и Факултетот за туризам и угостителство од Охрид седнаа на заедничка маса со цел да ги детектираат проблемите кои го кочат развојот на туризмот. Како најголеми недостатоци претставниците на реалниот и образовниот сектор ги посочија слабата комуникација помеѓу чинителите на туризмот, човечките ресурси и квалитетот на услуги, како и лошата инфраструктура.
-На еден состанок не можеме се да решиме, далеку од тоа, но можеме да почнеме да ги решаваме проблемите. Првиот чекор е да да почнеме да дискутираме, затоа што во Македонија голем проблем е што не дискутираме, односно не се познаваме, изјави деканот на ФТУ Охрид проф. Д-р Сашо Коруноски.
Според него реалниот и хотелскиот сектор се во одреден расчекор поради немање меѓусебна доверба, што треба да се поправи.
-Штом создадеме доверба помеѓу структурите лесно се соработува, додава Коруноски. За да се поправат состојбите во туризмот потребно е време, рече Коруноски, посочувајќи дека развојот на туризмот е сложен процес и не може да се очекува долгорочен резултат само со една акција, туку треба да се нотираат предизвиците и проблемите и да почнеме да ги решаваме.
–Најчесто чекаме сите едно магично стапче кое наеднаш ќе ни ги реши проблемите, нема такво. Сложени се проблемите и не можат наеднаш да се решат. Не можеме Охрид одеднаш да го направиме позната дестинација, ниедна дестинација преку ноќ не станала атрактивна, во тој случај се работи за неодржлив развој, после неколку години таа паѓа во развојот. Клучно е да развиваме одржлив туризам кој ќе биде во корист и на Охрид и на Македонија, потенцираше Коруноски.
проф. д-р Сашо Коруноски
Претседателот на ХОТАМ Дончо Танески истакна дека проблемите во туризмот од година во година се намалуваат, но има полиња на кои треба уште да се работи.
-Еден од најголемите проблеми е едукацијата, доедукацијата и реедукацијата на постојниот кадар кој го имаме во нашите објекти. Нашето барање до образовните институции е во програмите за практична работа да се вметнуваат што повеќе задолжителни часови, истакна Танески.
И тој смета дека нивото на комуникација помеѓу стопанството, локалната, централната власт и образовните институции е многу ниско и кога тоа ќе се подигне тогаш ќе почнат да се решаваат проблемите во туризмот.
Според Тоше Чочороски, менаџер на х. „Силекс“ и професор по практична настава на ФТУ Охрид, недостига перманентно образование.
-Сериозни напори вложува ФТУ Охрид да се подобри практичната настава, но тоа не може да се постигне без соработка со стопанството.-рече Чочороски.
Тој истакна дека се чувствува одреден напредок во туризмот, но уште многу треба да се направи. Чочороски смета дека квалитетот на угостителските услуги е на задоволително ниво, но има уште простор за напредок. Најголем проблем според него се човечките ресурси и слабата понуда.
-Едно мени во ресторан треба да биде составено стручно и да одговара на повеќе целни групи, домашни гости, интернационални, дијабетичари, вегетаријанци и.т.н., ако зборуваме за пијалок исто така, ако зборуваме за конференции и анимации дефинитивно мора да ја подобриме и зголемиме понудата.-изјави Чочороски.
За состојбите во туризмот денеска дебатираа професори и претставници од туристичкиот сектор кои учествуваа на конференцијата „Современи предизвици во хотелиерството “, што се одржа во организација на Факултетот за туризам. Заклуцоците од конференцијата ќе бидат доставени до Владата и Локалната самоуправа.
Горан Момироски