Нивото на водата на Слатинско езеро за околу месец дена се намали од девет метри на само околу еден метар длабочина. Водата со несмален интензитет се уште истекува низ браната, така да ни затварањето на испусниот вентил пред два дена не придонесе да престане намалувањето на нивото на акумулацијата, кое дневно опаѓа за околу триесетина сантиметри, предупредуваат од ЗРРСК „Свети Апостол Петар“ – концесионер на рибниот фонд за рекреативен риболов на „Слатино“.
-Водената површина веќе не личи на езеро тука на бара. Флората е уништена, а за фауната каде спаѓаат и рибите, има време од само неколку дена да се спаси. Апелите на рибарите и концесионерот не допреа до вистинското место за да се изврши санација на пукнатината на браната. Се очекува езерото за петнаесетина дена преку пукнатината целосно да се испразни.-изјави Радован Димитриевски, претседател на ЗРРСК „Свети Апостол Петар“.
Денес советот на Хидробиолошкиот институт како овластена научна установа за рибарство по барање на концесионерот на рибниот фонд, треба да донесе мислење дали и каде ќе се префрили рибата од Слатинско Езеро. Најверојатно капиталните крапови ќе се префрлат во мрестилиштето за крап во Хидробиолошки завод, а поситната риба како грунецот, кленот и плашката ќе се префрлат во Требенишко езеро, односно она што остана од него.
-Поголема количина на мртви риби има во длабоките пукнатини кои сега се на суво, а преку кои истекуваше вода низ процепот на браната. Овие пукнатини се појавија пред некој ден по повлекување на водата и сега се видливи. Рибата ќе се излови со влак. Но сето ова изловување и префрлување по мислењето на Хидробиолошки, треба да го одобри надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Изловената риба, ако некогаш се санира браната, или направи нова, ќе биде вратена во езерото.-додава Димитриески.
Од ЗРРСК „Свети Апостол Петар“ апелираат до надлежните институции да ја обезбедат браната и просторот сто метри лево и десно од неа со лента или на друг начин, за да не поминуваат пешаци, односно за да се избегнат потенцијални несреќи. Оттаму ги известуваат рекреативните риболовци од Охрид и државата, дека риболовот на рекреативната зона „Акумулација Слатино“ кој свечено требаше да се почне утре, четврток, на првиот риболовен ден по завршување на забраната за риболов, ќе биде целосно забранет.