Слатководниот рак кој поради болест беше на раб на исчезнување, повторно се враќа во Охридското Езеро. Охридските нуркачи евидентирале голем број колонии на двата вида рак кои живеат во Езерото и во македонскиот и во албанскиот дел.
-Речиси дојде до исчезнување на слатководниот рак во сите води во Европа поради болест – чума и реткост беше да се види ракче во Охридското Езеро. Сега може да забележите цели колонии што треба да радува, изјави Милутин Секулоски од Нуркачкиот центар Амфора.
Во Охридското Езеро живее слатководниот крив рак – познат во народот како „краба“. Него го има во струшкиот дел и во Албанија, на длабочина од околу 5 метри, додека во охридскиот дел не егзистира овој вид рак. Во охридско, како и во целото Езеро живее Европскиот слатководен рак, објаснува Секулоски. Тој посочува дека овој заштитетн вид е забрането да се лови, укажувајќи дека нема толкави количини за комерцијална експлоатација.
По повод светскиот ден на биолошката разновидност, во организација на Одделението за заштита на животната средина при Секторот за урбанизам и заштита на животната средина на општина Охрид, во соработка со Нуркачкиот центар Амфора, на градскиот полоштад денеска се одржа презентација на двата видови слатководен рак кои живеат во Охридското Езеро.
– Целта е со одбележувањето на овој ден да се промовира биолошката разновидност и да се презентираат ретките видови кои се малку познати на пошироката јавност, изјави Јасминка Т. Момироска од Одделението за заштита на животната средина.
Презентацијата на охридските слатководни ракови привлече големо внимание кај минувачите и туристите, кои имаа можност одблиску да се запознаат со овие жители на Охридското Езеро.