Свети Климентовата награда за животно дело и трите повелби на градот Охрид, ќе бидат доделени во сабота, на свечената академија во чест на Св. Климент Охридски, заштитникот на градот.
Највисокото општинско признание, оваа година заврши во рацете на охридскиот поет Славе Ѓорѓо – Димоски. Комисијата за одбележување на празници и доделување награди и признанија, едногласно и без двоумење ја доделуват оваа престижна награда на едно од најмаркантните имиња во современата македоснка литература.
„Овој поет зад себе има над 30 годишен поетски и есеистички опус, кој во духот на светското творештво има значење во нашата култура. Неговиот остварување е меѓународно наградувано низ цела Европа, а ќе ги издвоиме наградите на „Гранд при за европска поезија“ во Романија и високиот орден „Сергеј Есениен“ во Москва. Книгите на овој наш поет во изминативе години се преведени на повеќе од 30 светски јазици, а критичарите ги истакнуваат неговите философски и универзални пораки. Тој е и основач на „Поетксата ноќ“ во Велестово, а по втор пат ќе ги води „Струшките вечери на поезијата“. Со оваа награда за животно дело, само ќе потврдиме колку ги цениме вредносите на овој наш поет.“ – рече градоначалникот Александар Петрески, на денешното објавување на наградите.
Светиклиментови повелби оваа година ќе добијат Ѓорги Трпчески, Радио Охрид и постхумно естрадниот уметник Секула Пупиноски.
„Трпчески со својот хуман пристап и умешност за раководење дава посебен придонес во насока на здравството и превентивната програма во соработка со Здружението на дијабетичари и Црвениот Крст од градот. Радио Охрид како медиум оваа година го одбележа својот 55 годишен јубилеј. Ги напиша најсодржајните страници на книгата „Летопис на охридскиот живот“ и го изработи серијалот „Охриските легенди и мистерии“. Исто така, комисијата одлучи постхумно оваа повелба да му ја додели на нашиот естраден уметник Секула Пупиноски, кој зад себе остави познати хитови. Преку неговите видео записи го промовира градот надвор од нашите граници и помагаше на граѓаните преку хуманитарни дејствија.“ – истакна Виолета Мицкоска.
Инаку, до комисијата пристигнале 4 барања за доделување повелби, од кои еднa апликација не ги исполнила критериумите. Свечената академија на која ќе бидат доделени наградата и повелбите ќе се одржи во сабота во Центарот за култура „Григор Прличев“.