Празниците кои паѓаат во овој дел годината, православните христијани ги чествуваат како свои куќни слави. Од една страна, преку овие чествувања се искажува почит кон заштитникот на куќата, а од друга страна се задржуваат контактите со потесниот круг на семејството и пријателите. Во домот на фамилијата Митрески од Охрид, веќе со децении се чествува празникот „Св. Никола“.

Обично славата ја претставува фамилијата. Таа се пренесува од колено на колено, како што налагала традицијата. Машките деца ги наследувале овие вековни чествувања, кои претставувале обележја на семејството. Тоа било карактеристика по која се разликувале фамилиите во едно населено место.“ – вели Благоја Митрески, домаќинот на куќата.

Според него, славите се земале во зимскиот период од годината, со цел задржување на контактите со луѓето, кои во студените денови претежно се затворале по дома. „За да на некој начин се одржат тие контакти со роднините и пријателите, започнале да се практикуваат зимските слави. Почнувајќи од Митровден па се до Св. Василиј, народот ги чествува светците како свои куќни заштитници. Суштината на славата е да се продолжи традиционалното и да се зачуваат верските обичаи. Преку неа се поттикнуваат моралните и етичките начела во склоп на религијата. Ова сегашно помодарство ќе исчезне, а традиционалното обележје ќе остане да се пренесува на поколенијата. Можеби затоа на запад, поради недостигот од овие контакти се губат вредностите на човекот“ – вели Митрески.

Славата започнува со религиозен обред, односно, доаѓањето на поп во семејството. Отецот кажува молитва, притоа пеејќи го  виното, пченицата и лебот. Домаќинката спрема богата трпеза со посна храна, која е карактеристична за славите во овој период од годината. „Секоја домаќинка гледа поатрактивно да ја збогати трпезата. На пример, лебот и пченицата се украсуваат со некои декорации, кои претставуваат престиж меѓу домаќинките. Гостите во нашиот дом се чекаат со топла ракија, а се продолжува со црвено вино. Во Кавадаречкиот регион, карактеристично е што на малите деца, наместо сок им се дава вино со една лажица шеќер“ – вели баба Марија Ангелкова.

За овој празник, врзани се многу традиции и легенди кои сведочат за големината на Св. Никола. „Старите велеа дека Св. Никола е најбогат. Но мерило за тоа беше што најголем број фамилии го чествуваа овој светец. По тоа се мереше богатството кај човекот. Исто така, по зборовите на моите баби од времето, бродовите застанувале на овој ден. Не смеевме ниту да ги исчистиме трошките од масата, а празникот претставуваше нешто свето за нас. Се надеваме дека оваа традиција ќе ја продолжат нашите ќерки и внуци, а традиционалното православно обележје ќе се задржи уште многу“ – вели баба Џули Митреска.

На традиционалните куќни слави, доаѓаат пријателите, потесниот круг на семејството, роднините, кумовите, комшиите. Инаку, „Свети Никола“ или „Свети Николај Чудотворец“, се смета за заштитник на морињата. Карактеристично е што на христијанските бродови се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат. На иконите, Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда. Овој празник, секоја година се слави на 19-ти декември.

О.Т.