Согласно програмата за развој на туризмот, донесениот Правилник и Kаталог за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема, Општина Охрид годинава постави 40 унифицирани табли на плоштадот Св. Климент Охридски и низ охридската чаршија.

За следната година е предвидено со проектот да се опфатат сите објекти во чаршијата на потегот до плоштадот Крушевска Република и кракот до пресекот на улицата „Туристичка“. Станува збор за околу 120 објекти ресторани и кафетерии, трговски и занаетчиски дуќани, со што ќе се заокружи овој дел од старото градско јадро. Понатаму ќе следува старата чаршија за која што исто така ќе биде избрано визуелно решение согласно Правилникот и Каталогот, информираат од Општина Охрид.
Каталогот за стандардизирана урбана опрема содржи типизирани и стандардизирани модели на урбана опрема во повеќе варијанти (иако тие се во суштина од исти или слични материјали и исти нијанси, бои, конзоли, украси и сл).

Сите чекори на локалната власт во овој проект претходно беа дискутирани и усогласени со широката заедница на корисници на јавни трибини и меѓусебни консултации. Претставниците, сопствениците и корисниците на деловните простори, дуќанџии, занаетчии, угостители, заеднички ги креираат идните чекори во заедничка координација со општинскиот проектен тим, па дури потоа се спроведуваа процедурите на набавка и поставување на опремата, посочуваат од Општина Охрид.

OhridNews












