Со исказ на сведокот Горан Димитриоски, во Основниот суд во Прилеп вчера продолжии судскиот процес за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ (34), што се случи минатото лето во Охрид.
 
Според Димитриоски, обвинетиот Митре Костоски не учествувал во групата која до смрт го претепа Новаковиќ и дошол откако Дејан веќе бил на плочникот, а десетина лица го удирале со клоци.  Сведокот кој беше донесен од затворот Идризово во прилепската судница критичната вечер ги чувал тезгите наспорти поштата каде што беше убиен Новаковиќ. Тој пред Судскиот совет со кој претседавеше судијата Ордан Митрески, изјави дека обвинетиот Митре Костоски извикал: “Престанете, што правите” и потоа насилниците се разбегале, а еден од групата на српски јазик кажал дека е готово и оти мораат да бегаат, пишува „Вечер“. Сведокот додаде дека во почетокот тројца го удирале Дејан, кој лежел на плочникот, а потоа им се приклучиле уште седум-осум лица, а целиот инцидент не траел повеќе од една минута. На местото на настанот дошла екипа на Брза помош која претепаниот го ставила на носилка и го однела со амбулантното возило поради слаб пулс.

На вчерашното рочиште беа изведени писмени и материјални докази, по што судијата Митрески го одложи претресот за 5-ти јули, а дотогаш вештаците треба да објаснат дали има технолошки можности за дообработка на материјалите од видеокамерите.

На следното рочиште покрај доказите се очекуваат и завршните зборови на обвинителството и одбраната.

За насилната смрт на срспкиот турист Дејан Новаковиќ обвинети се охриѓаните Митре Костоски, Илче Јоноски, како и српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ, кому му се суди во отсуство. Тие се товарат за свирепо убиство, додека четвртиот обвинет, Ѓоко Наумовски, пред судот одговара за помагање.

OhridNews