Околу 40 уметнички дела од академски сликари од Полска, Србија, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Република Српска беа изложени на Ликовно-еколошката колонија „Бардача-Србац“ што заврши деновиве. Меѓу нив и неколку на охридската ликовна уметничка Наташа Попоска Карче. Токму нејзината слика насловена „Во далечина“ беше избрана од организаторот на колонијата како подарок од заедницата за сопствениците на најубаво уреден двор во ова живописно место во Босна и Херрцеговина.

Дополнително Наташа Попоска Карче на организаторот му ја подари сликата „Уште еден бран“ со што Охрид ќе биде застапен во богатата ризница на колонијата која брои 874 слики создадени од уметници од сите страни на светот изминатите четири децении.

Навистина е убаво кога луѓето знаат да го ценат и почитуваат тоа што го правиш. Бев навистина почестена што токму мојата слика „Во далечина“ беше одбрана како награда за најубаво уреден двор. Втората слика „Уште еден бран“ ја подарив на директорот на организацијата Радован Митраковиќ со цел и Охрид да го има во нивната богата галерија, изјави за Охридњуз Наташа Попоска Карче.

Тема на ликовната колонија оваа година беше „Плачот на птиците на Бардача“ и имаше за цел да го сврти вниманието на јавноста кон климатските промени бидејќи неодамна пресуши и последното од 11-те езера во Бардача, кое се протегало на површина од околу осум хектари, што сериозно влијае врз живиот свет, особено на живеалиштата на ретки птици, од кои некои практично исчезнаа.

Организаторите на колонијата истакнуваат дека од езерото останало само мал дел кој се користи за риболов посочувајќи дека нема да се откажат од борбата еден ден местото каде некогаш имало единаесет езера повторно да стане природен резерват во вистинска смисла на зборот во кој ќе се врати животинскиот живот.

Г.М.
Фото: Ликовна колонија „Бардача-Србац“