Со изложба на дела од колекцијата на Славко Упевче, вчеравечер, почна годинешната Научна и уметничка визита на МАНУ во Охрид. Љубителите на уметноста имаа можност да присуствуваат на јубилејната петта изложба на Упевче во Куќата на Уранија и да уживаат во неговите сведоштва, портрети за едно од најубавите места на охридското крајбрежје, Свети Наум.
Промоторот на изложбата, истакнатиот академски сликар Газанфер Бајрам, во обраќањето пред присутните потенцира дека кога се бараат податоци за Охрид пред постоењето на Википедија и Гугл, обично се бараат кај некој хроничар. Токму Славко Упевче спаѓа во хроничарите кои не го опишуваат Охрид со зборови, туку го слика, рече тој.
Гледаме дека има слики кои се настанати во 70-тите години на минатиот век па се до денес. Ќе ги видиме сите непристапни делови на изворите на Дрим, воденица која веќе не постои, поглед кон манастирот кој денес не вреди од нови градби, поглед волшебен и доловува чувство дека е сликан од езеро или копно, како што вие чувствувате. Со голем сензибилитет ги прикажува изворите во сите годиншни времиња. На неговите пастели ќе ги видиме Галичица, снежно белиот паун кој веќе го нема, одразот на небото и дрвјата во мирните води на одразот во Дрим и на езерото. Се гледа дека ја чувствува природата и ги согледал местата на кои веќе немаме пристап. Со сето ова Упевче се впишува во листата на охридските хроничари и неговот творештво предизвикува носталгија, вели Бајрам.
Визуелно, додаде, можеме да ги доживуваме убавините и историски стари митологии.
Не можам да одолеам, а да не ги споредам сликите на Упевче со ремек делото на писталот Оскар Вајлд, сликата на Доријан Греј. Сликите на Упевче се парадигма на тоа. Охрид старее се менува, гледам дека Охрид се менува дека некои нешта исчезнуваат пропаѓаат ги голта времето. А повеќето од нив остануваат незабележани, па потоа и подложни на заборав. Имаме среќа што нашиот хроничар Упевче ги портретира сите знаменитости, обележја како природни, така и историски. Некои неминовно исчезнуваат што по природен пат, што поради нашата несовесност и несоодветно однесување. Упевче ја претставил досега во повеќе наврати архитектурата на Охрид, ретки растенија како муринските, славниот чинар и друго, истакна академскиот сликар Газанфер Бајрам.
Желбата на Упевче била на изложбата да присуствува и архимандритот Нектариј од манастирот Свети Наум, но поради обврски тој испрати свое обраќање, кое беше прочитано на настанот.
Славко Упевче како чест посетител на манастирот Свети Наум и на неговата волшебна убавина преку неговите акварели, пастели ја тргна „завесата“ за да ѕирнеме и ние во тие Светинаумски убавини кои честопати не ги забележуваме и регистрираме. Талентот на секој уметник, поет, писател… е дар божји што некои го уможуваат 100%, некои 50%, а некои за жал го закопуваат. Академскиот сликар Славко Упевче спаѓа во првите бидејќи за тоа сведочат неговите дела, вели во обраќањето архимандритот Нектариј.
Програмата на Научната и уметничка визита продолжува на 10, 11 и 12 август со лингвистичка работилница насловена „Дијалектна обработка на македонскиот јазик“ во организација на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.
Н.С.Ј.
Фото: Анамарија Момироска