Владата на Република Македонија денеска донесе одлука за започнување на реализација на проектот „Слободен четврток“. Проектот подразбира можност студентите, секој четврток бесплатно да ги посетуваат програмите на културните установи, опери, балети, концерти, театарски претстави и изложби. Слободниот влез на културните настани се однесува на содржини кои се во продукција на Установите од културата.

Согласно со проектот „Слободен четврток“, студентите покрај слободниот пристап до културните содржини, ќе имаат и слободен пристап на Жичарницата која води до Милениумскиот крст каде се предвидува бесплатен превоз на студентите до Милениумскиот крст во четврток.

Целта на оваа мерка е културните добра да станат достапни до младата публика со цел градење и јакнење на културните навики кај младата популација, градење на квалитетна и едуцирана публика и секако масовна посета на културните содржини во Република Македонија.

Освен оваа мерка Владата на денешната седница донесе одлука со која се предвидува воведување на бесплатен железнички превоз или пак попуст на картата за железнички превоз за определени категории на граѓани. Целта е овозможување на поголема пристапност на услугите до овие категории на граѓани, подобра мобилност и зголемување на искористеноста на возните средства во железничкиот сообраќај.

Со оваа владина одлука се обезбедува:

-бесплатен превоз за време на викенд (односно за деновите петок, сабота и недела), за повозрасните лица (жени над 62 години и мажи над 64 години) за превоз во железничкиот сообраќај, и тоа секој втор викенд во месецот, значи еден викенд месечно;
-бесплатен превоз за време на викенд (односно за деновите петок, сабота и недела) за младите лица до 27 години, и тоа секој трет викенд во месецот, значи еден викенд месечно;
-попуст од 50% на картата за железнички превоз за учениците и студентите;
– и целосно бесплатно патување, секој четврток за студентите.
Со оваа одлука на голема бројка од граѓаните, особено помладите кои статистички гледано се и повеќе корисници на овие услуги, им стануваат подостапни услугите во железничкиот превоз.

OhridNews