Едукација и поддршка на наставниците и учениците за подигнување и одржување на училишни градини во нивните училиште е целта на проектот „Училишни градини“ имплементиран од Слоу Фуд Македонија ширум земјата низ сите конвивиуми, а сега веќе и во Охрид.

Засега презентација е извршена во три училишта, и тоа во ОУ „Св.Наум Охридски“ во с.Пештани, ОУ „Св.Климент Охридски“ – Охрид и ПОУ „Кочо Рацин“ во с.Долно Лакочереј. На овие средби освен презентирање на поректот Slow Food Училишни градини, се промовира и работата на Slow Food Македонија, а поконкретно и Охрид.

Зборуваме за една повеќеслојна активност кадешто буквално секој наставник, лице од службата или од техничкиот персонал заедно со најважните, учениците, можат слободно да делуваат. Огромни се продобивките кога на забавен начин се учи за животната средина, природните ресурси, здрав животен стил, потенцира Неданоска.

Градењето и одржувањето на училишните градини ги учи децата на основните природни принципи меѓу кои, можеби најважниот, е одржливото работење. Трансформацијата кон поодржлив начин на живеење со минимална експлоатација, како на природните така и на човечките ресурси, ќе треба да ја направиме што поскоро, а училишните градини ни даваат можност овој процес да го започнеме сега. Засега училиштата покажуваат голем интерес за овој проект вели Карашова.
Училишните градини ја покренуваат еколошката свест кај децата, а низ тој процес темелно учат како се произведува здрава, органска храна, притоа непроцесирана и непакувана во пластика, конзерва или најлонска кеса, вели Сања Бачевски од од Слоу Фуд Охрид.
Училишните градини од пракса покажале дека позитивно влијаат на заедницата и социјалниот развој, ја поттикнуваат љубопитноста кај учениците, стануваат свесни за своето опкружување, имаат желба сè повеќе да учествуваат и соработуваат, им ја подобрува емоционалната писменот, им го развива чувството на општествена одговорност и им создава доживотна почит кон природата, додава Бачевски.
Потенцира дека училишните градини придонесуваат децата да учествуваат во општокорисна работа за заедницата, го негуваат тимскиот дух и стануваат свесни дека соработката е неопходна за изведување градина во училишната средина.

OhridNews














