Во последниот извештај за состојбите со човековите права во Македонија на американскиот Стејт депармент, повторно се најде и случајот „Градиште” како помасовен, за барањата за денационализација на 36 семејства од Пештани, чиј што имот бил одземен од нивните предци во 1957 година.

Народниот правобранител забележа големи тешкотии и процедурални превиди во случаите за денационализација и ги припиша доцнењата на слабата работа на комисијата за денационализација на Министерството за финансии, како и неефикасната соработка со Управниот суд и другите владини агенции. Законот за денационализација од 2000 година ја пропишува постапката за денационализација како „итна“ по природа. Членовите на 36 семејства во Охрид одржаа протести во април, тврдејќи дека властите не ги надоместиле соодветно за парцелите кои државата ги национализирала во 1957 година, се наведува во извештајот.

Земјиштето се наоѓа на најатрактивниот дел на Охридското Езеро и е во процес на денационализација 25 години, а барателите на имот револтот постојано го искажуваат во пишани дописи до надлежните институции, јавно преку медиуми како и преку протести пред таканаречениот “автокамп” Градиште, вели Андријана Башоска, наследничка на имот.

Револтот на барателите на имот во процес на денационализација е последица на децениските неспроведувања на судските пресуди на добиените судски процеси во Управниот суд кои се задолжителни и извршни, непочитување и неспроведување на Законот за денационализација од страна на Комисијата за денационализација, како и најбрутално кршење на Уставот и законите а со тоа и на човековите права. Правдата е на нивна страна и државата конечно мора да им го врати земјиштето, истакнува Башоска во јавната објава по повод Извештаот на Стејт департментот.

Потенцира дека денационализацијата во Градиште е заглавена во корумпираноста и неспособноста на институциите и судовите и државата мора веднаш да го заврши овој процес, кој е еден од клучните  за развојот на демократското општество во насока на функционирање на правниот систем.

OhridNews