Организирани групи и индивидуални гости од Бугарија, Србија, Словенија и Полска се очекува да престојуваат во Охрид за дочекот на Новата 2016 Година. Според охридските туристички работници, освен гостите од соседството, новогодишните празници во нашиот најголем туристички центар ќе ги поминат и голем број домашни туристи.
-Како и минатите години така и оваа година, Охрид е атрактивно место за прослава на новогодишните празници за туристите од соседството. Веќе имаме голем број на резервации на органиизрани групи од Бугарија, но според најавите очекуваме и голем број домашни гости, информираат од хотелот „Гарден“.
Одговорните за резервации во хотелот „Силекс“ велат дека за дочекот на Новата Година сите капацитети им се веќе исполнети.
-Годинава најрано ги распродадовме аранжманите за новогодишниот дочек. Имаме групни резервации од Бугарија, Србија, Словенија како и групи на гости од Полска. Освен сместувањето, аранжманите кои ги нудевме вклучуваат и органиизран свечен дочек, појаснуваат од хотел „Силекс“.
Од хотелот „Тино“ во Свети Стефан кој е еден од поновите сместувачки капацитети на охридската ривиера исто така очекуваат целосно исполнет капацитет за новогодишните празници.
-Веќе имаме резервации на гости од Србија и Бугарија, како и голем број домашни гости. Големиот интерес за нашиот хотел се должи на тоа што во рамки на аранжманот за престој, гостите ќе може да го користат внатрешниот затоплен базен како и спа центарот кој располага со џакузи, сауна и бања на пареа, велат од хотелот „Тино“ во Свети Стефан.
Капацитетите за сместување за Новогодишниот викенд се исполнети и во хотел „Метропол“ од каде што не информираа дека најголемиот дел од резервациите ги направиле бугарските туроператори со кои воспоставиле успешна соработка.
Исто како и лани, за новогодишните празници, охридските станоиздавачи нудат пристапни цени за сместување. Според она што може да се види на интернет огласите, цената за изнајмување на кревет во приватното сместување, се движи од 400 до 500 денари, додека пак комплетно уредените апартмани и станови се издаваат од 1.000 до над 3.000 денари по вечер.
-Според најавите, оваа година во приватното сместување за Нова Година најбројни ќе бидат гостите од Србија и од Скопје, вели охридски станоиздавач кој има апартмани во центарот на градот.
Според него, доколку временските услови бидат поволни, поголем број на гости на Охридската ривиера се очекуваат за Божиќните празници и за празникот Богојавление Водици
Е.М














