Снукер федерацијата на Македонија заедно со најдобрите играчи во земјава го претставија снукерот пред учениците од средното стручно училиште ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид. Во училиштето каде е поставена снукер маса, младите имаа можност директно да се запознаат со овој спорт кој бележи сè поголема популарност во светот. Настанот се одржа на иницијатива на ГРАН КЛУБ СНУКЕР – Охрид, а истиот се реализираше во соработка со училиштето и професорот по физичка култура Левент Рифат – одговорен за овој спорт во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид.

Спортот што го освојува светот се попопуларен и кај нас

Преку демонстрација на правилата и техниките, учениците имаа можност да дознаат повеќе за спортот, дисциплината, прецизноста и концентрацијата кои се потребни за играњето снукер. Сакаме снукерот да стане дел од спортската култура и кај нас. Веруваме дека младите ќе го прифатат со голем интерес, велат од Снукер федерацијата.

Тука сме во рамки на планот на работењето на Федерацијата да додадеме уште малку стимул на колегите од Охрид каде имаме веќе тројца национални тренери по билијард и снукер. Правиме презентација во ОЕМУЦ Охрид на овој спорт со цел да го доближиме до учениците, да им ги објасниме основите на оваа спортска игра, истакна претседателот на Снукер федерацијата на Македонија Лазар Лазаревски, кој воедно е и лиценциран тренер.

Лазар Лазаревски – Претседател на Снукер федерацијата на Македонија

Снукер федерацијата го промовира и развива снукерот во Македонија од 2021 година и е признаена од поранешната агенција, сега Министерство за спорт. Брои 6 членки – клубови од неколку града во Македонија. Организира натпревари во две дивизии. А дивизијата ги обединува најдобрите 8 играчи, а Б е од отворен карактер и на крајот на годината ги дава двата најдобри играчи кои преминуваат во А лига од каде двата најлоши одат во Б дивизија. Освен ова се организира и државно првенство во јуниорска категорија до 18 години и натпреварот „6 црвени“ што е како Куп на Македонија каде играат и А и Б играчите.

Снукер федерацијата која е членка на Европската и Светската федерација се занимава и со лиценцирање на национални тренери и судии.  Оваа година Македонија треба да го добие и четвртиот активен судија на Европски првенства.

Секоја година играчи од Македонија во сениорска и јуниорска конкуренција учествуваат на Европското аматерско првенство од каде најдобрите се квалификуваат во професионалната лига како и на СП. Имаме забележано победи и проаѓање на групната фаза и тука некаде во овој момент е нашиот дострел, но со оглед дека сме млада федерација тоа се големи успеси, смета Лазаревски.

Исто така, Македонија учествува и на ЕП во „6 црвени“, скратен формат на снукерот, кое оваа година ќе се одржи во Голем, Република Албанија, каде Македонија ќе ја претставува актуелниот државен шампион Берат Јашари од Куманово. Четирикратниот првак на Македонија вели дека снукерот кај нас сè уште не е на многу високо ниво.

Снукерот во Македонија поактивно се игра последните 15 години. Може да има перспектива ако имаме повеќе снукер маси и спортот се промовира како што тоа го правиме сега во Охрид, бидејќи од младите може да се создадет играчи кои понатаму ќе се натпреваруваат, рече Јашари.

Берат Јашари – Четирикратен првак на Македонија во Снукер

За да се стане шампион потребна е желба, но и многу работа, додава Берат кој и покрај тоа што во неговото Куманово нема професионална снукер маса успеа да се издигне во спортските височини.

Го сакам снукерот како спорт многу. Како мал го гледав на телевизија. Почнав да го играм на свои 18 години. Немаше снукер маса во Куманово, па одев во Скопје каде почнав многу посериозно да се занимавам со снукер, раскажува шампионот Јашари.

Првиот шампион на Македонија во снукер, Павле Данилов, вели дека возраста околу премин од основно во средно училиште е најдобра да се почне со овој спорт, а презентациите од овој тип се најдобар начин тој да им се доближи на младите.

Во моментов имаме само шест снукер маси кои се во одлична состојба во цела Македонија. Од нив три се во Скопје, а само уште три во други градови, и на тоа тоа треба да поработиме. Билијард маси има околу 200, но билијард и снукер не е исто. Тоа е како пинг понг и тенис. Снукерот е позахтевен спорт, бара повеќе залагање, поголема прецизност, се игра на поголема маса и бара многу повеќе тренинг за да се постигне ниво на професионалец, додава  Данилов.

Павле Данилов – Прв државен првак во снукер

По завршувањето на презентацијата, се одиграа три ревијални натпревари на играчи од А дивизијата што беше одлична можност за учениците во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ на дело да ги видат професионаците од овој спорт.

Снукерот претставен пред младите во Охрид

Билијардните спортови доживуваат експанзија во светот, во Европа исто така. Во Македонија има четириесеттина играчи кои сериозно се занимаваат со снукер, а петнаесеттина од нив се јуниори. Со вакви активности се отвораат нови перспективи за развој и ширење на снукерот во Македонија, а Охрид е меѓу првите градови каде младите можат да се запознаат со овој елегантен и предизвикувачки спорт и активно да го практикуваат бидејќи нашиот град е еден од ретките каде има професионална маса за снукер благодарение на иницијативата на ГРАН КЛУБ СНУКЕР – Охрид и соработкатата со ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Г. Момироски