Јас сум оптимист дека дисбалансот во развојот на Македонија може да се реши преку политиката на рамномерен регионален развој, доколку за тоа постои заложба кај властите на национално и локално ниво.“ –  изјави Рајнхолд Бауерле, тим лидер на ГИЗ канцеларијата од Скопје при денешната посета на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Бауреле истакна дека во оваа насока, особено е важно да се направи оценка за досегашното функционирање на Законот за рамномерен регионален развој и да се согледаат слабостите на сите нивоа, што треба да биде основа за обезбедување пофункционален развој на регионите во Македонија.

Во рамките на Европската Унија, во новиот програмски период од 2013-2020 година, се преземаат сериозни програмски чекори за подигнување на степенот на  развиеност на планските региони преку обезбедување поголеми фондови.“ – истакна Бауерле, кој од неодамна е на чело на Германското техничко друштво во Македонија.

Според тим лидерот на ГИЗ канцеларијата од Скопје, во овој момент се водат разговорите за споменатиот програмски период, при што значајно е дека за поттикнувањето и развојот на регионалната политика во Македонија постои расположение во Брисел, но за тоа треба да биде искажана посветеност и од македонска страна.

Ова се однесува особено во делот на средствата што за оваа намена се обезбедуваат од националниот буџет и кои, за жал, од година во година бележат постојано намалување, како и обезбедувањето сигурни извори за функционирање на Центрите за развој во осумте плански региони во државава.“ – потенцира Бауреле.

Во рамките на посетата, Бауерле, од страна на раководителот на  Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, беше информиран за тековните проекти што се реализираат, а се интересираше и за нивото на соработка со општините и посветеноста на новите градоначалници  за учество во работата на Советот за развој, кој е еден од клучните субјекти за поефикасно функционирање на планскиот регион.

Во текот на следниве две години Германското друштво за техничка соработка, заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, планските региони во државата ќе ги поддржат со околу 2,5 милиони евра, особено во делот на поттикнувањето на иновативни проекти во функција на регионалниот развој.

OhridNews