Охрид заслужува многу повеќе oд тоа што го има сега, а Д-р Никола Бакрачески има програма, морален кредибилитет, знаење и способност градот да го поведе во подобра и попросперитетна иднина, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, во своето обраќање на конвенцијата во Центарот за култура на која беше промовирана изборната програма на кандидатот за градоначалник на Охрид од владејачката партија.
– На Охрид му е потребен развој, нови вработувања, нови улици, паркови, игралишта за младите и проекти што се важни за повозрасните. Затоа ние нудиме програма со проекти кои се заедничка визија со кандидатот и иден градоначачник на Охрид Д-р Бакрачески. Тој ужива голем углед во овој град и верувајте дека тој не е наивен човек да си го потроши својот тешко стекнат авторитет да влезе во авантура во наредните 4 години да не направи ништо. Тој е човек кој што со години градел кариера и кредибилитет меѓу луѓето, чекор по чекор го стекнувал својот углед со многу работа и труд и со многу добра волја кон секој човек без оглед на која политичка партија припаѓа, националност или вероисповед. Познавајќи го, знам дека ќе ги исполни ветените проекти и не се сомневам ниту за момент во тоа.-рече Груевски.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ упати критики на адреса на актуелниот градоначалник, кој, како што истакна, не ги реализирал своите ветувања и не изградил ниту еден капитален објект во Охрид, прашувајќи каде е најавуваната модерна автобуска станица, базенот, катните гаражи, пензионерскиот дом, жичарата на Галичица и голф терените. Наместо проекти, тој ги опструираше проектите на владата, а локалната самоуправа ја користеше за вработување на блиски роднини на високи функционери од својата партија, рече Груевски. Според него одлуката на Црвенковски за бојкот на локалните избори, му оди во прилог на Петрески зашто ќе го спаси од изборен пораз.
– Сакале излегле на избори, сакале не. Ако излезат добредојдени се, сакаме Д-р Бакрачески да го декласира на лице место Ацо Петрески, тој да си изгуби и да види колку народот го цени сега по 8 години лаги и манипулации. Тоа ни е најмило да се случи и заради тоа и заради иднината на Македонија да не го губиме имиџот, да не добиваме негативни извештаи, да одиме напред, да се дојде до влез во ЕУ, потоа и во НАТО. Но и да решат да не излезат на избори нека им е со среќа. Нека си го следат Бранко да ќе видиме до каде ќе ги однесе. -истакна Груевски, кој ги повика охриѓани на 24 март масовно да излезат на избори.
Пред преполниот аудиториум во Центарот за култура, се обрати Д-р Никола Бакрачески кој се осврна на својата изборна програма. Таа, рече тој, е израз на потребите на граѓаните, посочувајќи дека во нејзината изработка учествувале еминентни експерти од земјава и странство и биле користени позитивни искуства од европски градови.
-Нејзини стратешки цели се економски раст и развој на општината, креирање на значителен број нови работни места и пораст на стандардот на населението, унапредување и развој на туризмот, јакнење на споортот и култура и интензивирање на меѓународната соработка на градот. Во функција на локален економски развој, ќе формираме слободна економска зона во границите на општината и ќе дадеме поддршка на малите и средни претпријатија, ќе создадеме инфраструктурни услови и ќе ги помогнеме идните инвеститори во овааа зона со намалување и ослободување од комуналии, со што ќе го поттикнеме економскиот раст на општината и ќе обезбедиме значителен број нови вработувања.-рече Бакрачески.
Тој најави организација на манифестација Денови на охридската и македонската дијаспора , како и формирање општински економски совет со цел креирање иницијативи и планови за развој на градот. Бакрачески вети подобрување на условите за образование, изградба на современ студентски комплекс, формирање средно музичко и ликовно училиште и проекти за стипендирање на талентираните ученици. Посебен акцент ќе биде ставен на развој на спортот, ќе се изгради современ олимписки базен како и спортски игралишта , а ќе се формира и спортска академија и локален младински совет, додаде Бакрачески.
Кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ најави и современ пристап во презентацијата на туристичката понуда на градот.
–Во насока на информатичкиот развој, преку изградба и надградба на туристичкиот информатор, ќе овозможиме побрзо и поефикасно електронско букирање на хотелско – угостителските објекти и приватното сместување. Електронското поврзување на општината, полицијата и објектите за сместување ќе овозможат елекртронска наплата на туристичка такса од страна на институциите, рече Бакрачески.
Тој вети воспоставување ред во сферата на урбанизмот и екологијата и инвестиции за изградба на капитални објекти како што се модерна автобуска станица, катни гаражи, затворен зелен пазар, пристаништа, марина…
Презентацијата на изборната програма на кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, Д-р Никола Бакрачески, беше пропратена со богата сценографија и професионална режија, музички точки, акробати, како и бенгалски огнови кои беа запалени пред Центарот за култура при пристигнувањето на премиерот Груевски и партиските функционери од Охрид.