Заврши рокот за аплицирање за кандидат за градоначалник на општина Охрид од редовите на ВМРО- ДПМНЕ.
Апликациите се поднесуваа заклучно вчерашниот ден. Сега следи нивно разгледување од страна на членовите на Извршниот комитет, по што ќе бидат избрани оние кои влегуваат во потесниот круг. Колку и кој од нив е омилен меѓу охриѓани ќе се утврдува по пат на анкети.
Како што информира претседателот на општинскиот комитет на ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов, крајниот збор за тоа кој ќе биде кандидат за градоначалник во Охрид од оваа партија, ќе го има Извршниот комитет и претседателот Никола Груески, кај кого претходно на интервју ќе помине секој од потенцијалните кандидати во потесен избор.
Во јавноста, иако тоа официјално не е потврдено, веќе се спомнуваат неколку имиња како потенцијални кандидати за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ.Освен името на Љупчо Арнаудов- Бубач, се спомнуваат и пратеникот Харалампие Шокароски, актуелниот директор на Агенцијата за стопанисување со станбен простор Цветко Грозданов, поранешниот висок полициски функционер Јордан Размоски, како и координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Дејан Пановски.
Се очекува процедурата за избор на кандидат за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ да заврши во месец ноември кога и официјално ќе биде познато кој ќе му се придружи на кандидатот од СДСМ, Александар Петрески, во трката за градоначалник на локалните избори кои ќе се оддржат идната година.










