Околу 250 деца,беа дел од денешната Бадникова  литија, што по повод големиот христијански празник Божик, се одржа по трет пат. Пеејќи ја песната Вечниот бог, со ѕвончиња и ѕвезди  во рака децата  на симболичен начин го навестија Христовото раѓање.

Поворката која тргна од пред храмот „Св. Георги“ – Горна Влаашка мала,продолжи по улиците „Питу Гули“, „Јане Сандански“ и  на пладне пристигна на градскиот плоштад,каде децата беа пречекани од страна на градоначалникот Никола Бакрачески,претседателката на советот и останати претставници од локалната самоуправа,кои им даруваа пригодни подароци.

Во духот на празникот оваа литија го симболизира самиот ден. Дечињата кои ги симболизираат ангелчињата го симболизираат Христовото раѓање и во духот на старата изворна традиција ја пејат песната Вечниот Бог, што навистина наговестува чувства на среќа и радост онака како што всушност е целата симболика на празникот Божик. Дечињата во оваа поворка или Литија го надополнуваат чувството на сите православни Христијани во Охрид и на православните Христијани насекаде во светот за радоста која што ја наговестува Христовото раѓање. Би сакал да ја искористам оваа прилика да упатам честитки до сите граѓани на Охрид од православна вероисповест кои го слават празникот Божик,со желби за многу здравје, многу среќа за весели и радосни моменти во нивните семејства, во нивното опружување на работните места и насекаде каде што тие живеат и работат,рече градоначалникот Бакрачески.  

Поворката потоа се упати кон храмот „ Успение на Пресвета Богородица”-Каменско, каде беше организиран пречек од страна на старешината на храмот.На децата им беа поделени крстиња  за благослов. Свечениот настан заврши со молитва и заеднички бадников ручек.

OhridNews