Бројот на едрилици на Охридското Езеро расте, информираат од Капетанијата на пристаништата, каде се регистрирани 30-на вакви пловни објекти. Оттаму велат дека постојано има интерес за регистрација на нови едрилици, но голем проблем претставува немањето простор за нивно соодветно чување, на што укажуват и организаторите на “Ohrid sailing cup 2017”, што се одржа денеска на водите на Охридското Езеро. Марината која е предизборно ветување веќе две и пол децении охриѓани и туристите никако да ја видат. 

– Во моментов секој се снаоѓа како умее, некои се сместени на почеток од каналот Студенчишта, некој кај пристаништето во Охрид, исто е и во Струга. – вели Стевчо Ставрев од организациониот одбор на “Ohrid sailing cup 2017”.

Проблем со простор за чување има не само со едрилиците, туку воопшто со сите пловни објекти на Охридското Езеро, вели раководителот на Капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски, посочувајќи дека изградбата на соодветна инфраструктура за оваа намена треба да биде приоритет на Охрид.

– Една од опциите е доградба на градското пристаниште со два крака, можеби преуредивање на дел од каналот што може да биде технички издржано решение во однос на безбедност, сигурност, економска оправданост и вредност на инвестиција, или доколку државата смогне сили во рамки на своите можности да направи марина низ една процедура во која треба да се чујат муслењата околу евентуалната локација каде таа би била сместена. – истакна Горан Устијаноски – раководител на Капетанијата на пристаништата Охрид.

Белите украси, како што охриѓани ги викаат едрилиците, празнично го разубавија Охридското Езеро каде денеска се одржа едриличарската регата “Ohrid sailing cup 2017”. Во прекрасната глетка уживаа голем број посетители на угостителските објекти во центарот на градот кој наликуваше на познатите светски монденски места.

– Тенденцијата е овој куп да прерасне во манифестација препознатлива за градот Охрид и наутичкиот туризам и искористување на најнеискористениот спортски терен во Македонија – Охридското Езеро. – изјави Стевчо Ставрев.

На “Ohrid sailing cup 2017” учествуваа 16 екипажи од Охрид и Скопје, дел со интернационални постави, а за прв пат во една регата во Македонија се натпреваруваше и еден женски екипаж. 

Г.М.